valute-euro-dollaro-sterlinaНа меѓународните девизни пазари минатата недела еврото зајакна, иако Европската централна банка (ЕЦБ) дополнително ја олабави монетарната политика и тоа поагресивно отколку што се очекуваше.

Девизен курс на еврото во однос на американската валута се зголеми за 1,3 проценти, на 1,1155 $. Еврото зајакна и во однос на јенот за 1,4 проценти, на 127,00 јени, што е највисоко ниво во последните три недели. И доларот благо зајакна во однос на јенот за 0,1 проценти на 113,80 јени.

Во фокусот на инвеститорите минатата недела беше ЕЦБ која во четвртокот дополнително ја олабави монетарната политика.

Клучната каматна стапка ја намали од 0,05 на нула проценти, додека каматите за банкарските депозити ги спушти додатно во негативна територија, од минус 0,3 на минус 0,4 проценти.

Покрај тоа ја зголеми програмата за купување на обврзници од сегашните 60 милијарди на 80 милијарди евра месечно, што би требало да го поттикне кредитирањето и растот на економијата на еврозоната, во служба на борбата против дефлационите закани.

Во фокусот на пазарот оваа недела ќе биде состанокот на ФЕД и Јапонската централна банка. Пазарите не очекуваат никакви промени во монетарната политика ниту на едната ниту на другата банка, но внимателно ќе се следат пораките на нивните челници после состаноците.