За наредните месеци нема проблем со обезбедување на суровините за масло за јадење, а прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“ успешно го снабдува, со 40 насто, домашниот пазар, рече генералниот директор Сашо Наумоски пред премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши кои денеска ја посетија компанијата.

Според Наумоски, нема проблеми со производството на масло за јадење.

– Изминатите четири години успеавме брендот „Брилијант“ да го вратиме на пазарот и моментно со околу 40 насто го задоволуваме домашниот пазар со масло за јадење. Имаме залихи за непречено работење во наредните три месеци и имаме договори со нашите добавувачи од околните земји за редовно да се снабдуваме со сурово масло за јадење, изјави Наумоски.

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека е голема поддршката на Владата на домашните компании и ги поттикнува на инвестирање.

– „Витаминка“ е една од најголемите компании од прехранбената индустрија која со своето производство, освен што го снабдува македонскиот пазар со основни прехранбени производи, 47 проценти од своето производство го извезува во 30-тина држави во светот. Со фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип покрива дури 40 проценти од домашниот пазар. Условот на оваа компанија од прехранбената индустрија, која има над 700 вработени, се должи на инвестициите во човечки ресурси, модернизација на производството и на опремата. Токму затоа, и во услови на криза, Владата ги поддржува компаниите кои се охрабрени да инвестираат и да придонесуваат за развојот на економијата, рече Ковачевски.

Според него, компанијата ги користи придобивките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и од владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост-КОВИД периодот.

– Со оваа мерка речиси 400 компании добија вкупна финансиска помош од 17,2 милиона евра. „Витаминка“ вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа, ги исполнува условите за користење средства, овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестиции. Поддршката ја добија повеќе од 350 компании. Инвестицискиот проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годинава. Досега се инвестирани 419 милиона денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне до 702 милиона денари. До овој момент, исплатената државна помош изнесува 68 милиона денари, изјави Ковачевски.