oil-wellЦените на нафтата во средата се стабилизираа над нивото од 31 $, по изненадувачки големиот пораст на зилихите во САД, кој ги турка во позадина очекувањата дека главните производители на нафта ќе постигнат договор за намалување на производството.

На лондонскиот пазар цената на нафтата остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 31,54 $. На американскиот пазар барелот поефтина за 65 центи, на 30,80 $.

Нагорниот тренд на цените на нафтата го закочи информациата на Американскиот институт за нафта (API) за неочекуваниот пораст на залихите на сурова нафта во последната недела за 11,4 милиони барели. Се очекуваше значително поскромен раст од 3,3 милиони барели.

Цените на нафтата во јануари досега се намалија за 16 проценти, со што вкупниот пад на цените од средината на 2014 година, кога почна ценовната криза, достигна 77 проценти.

Одделно, ОПЕК на својата интернет страница објави дека цената на барел сурова нафта во вторникот изнесувала 25,11 $, што значи пад за 47 центи во однос на претходниот трговски ден.