Состојбата со нестандардните форми на вработување и унапредувањето на работничките права беше тема на работилницата организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), а на која учествуваа експерти, претставници на Министерството за труд и социјална политика, на синдикатите и на организациите на работодавачи.

Вовед во дискусијата беше анализата за нестандардните форми на вработување која ја спроведе Меѓународната организација на трудот во текот на 2021 година. Низ економски, правен и квалитативен аспект, анализата покажа дека во земјава помеѓу нестандардните форми на вработување доминира работата на определено време, со 77% од вкупниот број вработени лица, понатаму сезонската работа со 10%, повремената работа со 12% и останати форми на вработување учествуваат со еден насто. Јасен показател за потребата од попрецизно регулирање на овие форми на вработување и доследно спроведување на законите е податокот дека вработените на определено време, за разлика од оние на неопределено време, земаат 13.6% пониска плата.

„Со добра регулација и имплементација на нестандардните форми на вработување се овозможува брзо прилагодување на работодавачите на динамичниот пазар на труд и справување со недостигот на работна сила. Од друга страна, на работниците ќе им го олесни пристапот до нови работни места, посебно на маргинализираните групи, младите, жените, постарите работници и мигрантите. Нестандардните форми на вработување не смеат да бидат средство за намалување на трошоците за работна сила на сметка на основните работнички права. И затоа, при нивната регулација мора да бидеме многу претпазливи. Работникот и неговите права во ниту еден момент не смеат да бидат загрозени“, оцени министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.