Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека Република Северна Македонија изминативе години станала лидер во регионот по искористеност на ИПАРД средствата. При посетата на компанијата „Метро“ која со помош на ИПАРД Програмата вложила во осовременување и високи технологии како би ги зголемиле своите капацитети, Ковачевски рече дека успешните земјоделски политики на Владата ги потврди и Европската комисија и затоа преку ИПАРД 3 Програмата земјата доби зголемување од 62 отсто неповратни средства од ЕУ.

„Од земја која не ги искористуваше парите од европските фондови и ги враќаше назад, Северна Македонија ја направивме земја лидер по искористеност на средствата од ИПАРД Програмата. Кој било град или село да го посетите скоро секаде ќе наидете на табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД. За нас е многу важно што сето тоа го гледаат нашите пријатели од меѓународната заедница, ја добиваме нивната поддршка кон градење на економски силна и профитабилна земја, конкурентна на меѓународните пазари. Во ИПАРД 2 Програмата ЕУ за Северна Македонија даде 60 милиони евра, за ИПАРД 3, Европската Унија на нашата земја ѝ одобри 97 милиони евра. Тоа се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме. Заедно со кофинансирањето од државата и апликантите вкупната вредност на Програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра, средства наменети за инвестиции во следните 7 години. За уште поголем интерес и реализација на новата ИПАРД 3 Програма предвидуваме и можност за авансна исплата до 50 отсто од финансиската поддршка преку ИПАРД 3 Програмата“, изјави премиерот Ковачевски.