Кинескиот гигант „Alibaba Group Holding“ објави пораст на приходите од 6,6 отсто, бидејќи неговиот главен бизнис со онлајн трговија и облак услуги забележа само скромен раст, објави „Bloomberg“.

Приходите за трите месеци до крајот на март се зголемија на 221,9 милијарди јуани (30,7 милијарди долари), додека аналитичарите очекуваа 219,8 милијарди јуани. Нето-добивката падна повеќе од очекуваното – за 86%, откако ќе се земат предвид загубите на единиците со кои јавно се тргува. Цената на акциите на компанијата падна за 4% пред почетокот на трговската сесија.

Инвеститорите внимателно ги следат резултатите на „Alibaba“, барометар на расположението на кинеските потрошувачи, во услови на долготрајни грижи за губење на бизнисот од ривалите, од „PDD Holdings“ до „ByteDance“. Закоченото економско закрепнување тежи и на компанијата додека се обидува да го оживее растот по години регулаторни мерки што го погодија кинескиот приватен сектор.

Компанијата објави дека ќе исплати 4 милијарди долари дивиденда во оваа фискална година. „Alibaba“ и „Tencent Holding“ ги претставија своите резултати во рок од еден ден. „Alibaba“, која поседува удели во јавните компании како „SenseTime Group“ и „Sun Art Retail Group“, не откри кои конкретни загуби влијаеле на нејзината нето добивка, која е под очекуваното. Нејзината основна трговска единица во Кина забележа раст на приходите од само 4%, а нејзината единица за облак само 3%.

Извршниот директор на „Alibaba“, Еди Ву и претседателот Џо Цаи, зборуваат за враќање на успехот на пионерот во е-трговија, при што нивниот фокус е првенствено ставен на она што тие го нарекуваат искуство и иновација на клиентите.

Еди Ву ја презеде компанијата по период на невиден превирања во „Alibaba“, која се соочи со кризата со Ковид-19, репресијата на Пекинг врз секторот, а потоа и со економскиот пад на Кина.

Во редок меморандум наменет за зајакнување на моралот кај над 200.000 вработени во компанијата, основачот Џек Ма зборуваше за турбуленциите. Тој укажа на враќањето на компанијата кон раст и покрај неодамнешните предизвици, притоа признавајќи ги грешките од минатото.

Оваа година, Ву директно го презеде раководството на одделот за е-трговија и облак услуги на компанијата. И двајцата се под притисок по серија погрешни чекори и регулаторна контрола.