Во денешниот печат можеме да забележиме дека преовладува веста дека Делегацијата на германското стопанство во Македонија ги советувала нашиот премиер и Владата дека тие биле строго против зголемувањето на минималната плата во Македонија и дека таквата одлука ќе влијаела негативно на инвестициските активности на, претежно, германските компании кои се одлучиле да инвестираат кај нас.

Инвеститорот секогаш бара максимизација на профитот.

Во суштина, теоретски, тие се во право – бидејќи инвеститорот секогаш бара максимизација на профитот, а со оглед на трудоинтензивните германски индустрии во Македонија, најчесто трудот е и најважниот инпут во формирањето на цената на крајниот аутпут т.е. цената на нивните производи. И се е тука легитимно.

Но прашањето тука, не е што сака или препорачува Делегацијата на германското стопанство во Македонија, туку според мене е поважно што сака или препорачува македонскиот граѓанин, жителот на оваа земја.

Тој, македонскиот граѓанин можеби е на крај на егзистенцијалните сили. Македонскиот граѓанин живее со овој минимум од некојси 200 евра веќе децении. На македонскиот граѓанин му е потребно зголемување на минималниот доход.

Премиерот Заев и нашата влада, не се преставници на странските инвеститори, туку се преставници на македонските граѓани и како такви, тие треба да работат на интересите што нас ни одговараат најдобро – не на странците.

Да, јас сум поборник за глобализација на економските текови, за поврзување со економиите на Европската Унија и се разбира за нови работни места и стабилен раст, но пак овие придобивки веќе не можат да бидат на грбот на веќе папсаниот македонски граѓанин. Нашите луѓе треба да се на прво место!

Минатата влада во еден ентузијастички занес но и под строг диктат баш на странските стопанственици донесе легислатива и создаде услови за креација на безмалку работни логори. И тоа, можеби, со оглед на дереџето во кое сме и беше донекаде во ред. Се отворија многу работни места во ТИРЗ-овите, многу млади луѓе се вработија директно а имаат бенефит и индиректно компаниите кои се македонски а соработуваат со странските. И сето тоа е за пофалба.

Но време е да се спроведе наредниот чекор. А тоа е да имаме ние некој бенефит од сето тоа. Стандардот да почне да расте и македонскиот граѓанин полека да го прекине овој тридецениски пост. Нашите плати мора да почнат да растат во сите сектори. И мене искрено и не ме занима што мислат за некои наши прашања преставниците на странските компании. Зошто ? Еве ќе образложам :

  1. Тие не се овде поради нашите извонредни квалитети или поради нивната жал за нашата сиромаштија. Тие се тука бидејќи ова е земја со најниска минимална и просечна плата во Европа. Во моментот кога тоа ќе се смени тие ќе ја сменат и локацијата. Исто како што ја смениле пред да дојдат кај нас.
  2. Повеќето од нив не се тука дојдени на чисти пазарни принципи. На повеќето од нив државата им даде мал милион поволности – од земјиште, до инфраструктура, до изградба на производствените капацитети, до директна парична помош и до смешни даночни олеснувања. Тука, критичарите со робски менталитет ќе речат : „ па ако не се тие поволности тие нема да дојдат“. Во ред, па и не мора да идаат. Под тие услови и не мора да доаѓаат. Зошто јас или било кој граѓанин на оваа земја треба да го финансира и поддржува профитот на некој Ханс или Дитрих. Ако тој направи добра анализа и смета дека е рентабилно ( повторно поради ниската цена на трудот ) – нека инвестира. Но нема никаква логика ние да му го плаќаме данокот или пензиското осигурување на неговите вработени. Веќе ако го правиме тоа, дајте да финансираме наши компании па подобро да го плаќам данокот за некој Гоце или Стојан отколку за претходниве. Гоце и Стојан на крај на денот профитот ќе го реинвестираат во Македонија, Ханс и Дитрих профитот ќе го репатрираат во Германија. На тој начин ние ќе останиме заробени во злиот непробивен круг на модерното робство. Слично на секоја јужно-азиска економија. Додуша и таму се менуваат некои работи.
  3. Ние не треба да ја сносуваме таа жртва ( ограничување на минималната плата ) бидејќи јас сум повеќе од сигурен дека нема никаква гаранција дека овие инвеститори нема да заминат кога ќе завршат поволностите на оваа сиромашна земја или кога ќе најдат поплодна почва некаде. Напротив, тие и тогаш ќе се водат од пазарниот и профитниот принцип во водењето на нивните корпорации. Тогаш повторно ќе имаме илјадници невработени. Дали тоа значи дека нашиот економски мир мора да го купуваме со економска покорност спрема странскиот фактор? Ако го прифатиме тој начин на игра – ќе го играме со децении.
  4. Да заклучам. Да, странските инвестиции се добри и ни помагаат. Но нашиот стандард мора да расте. За жал, во отсуство на развиен пазарен и трудов механизам во нашата земја, останува овој нелогичен административен механизам за вештачко туркање на нашиот стандард нагоре, но сепак и тоа е нешто. Значи – нашите водачи и креатори на економската политика и монетарната политика треба да се водат од тоа што е НАШ најдобар интерес, а не што е странскиот најдобар интерес. Инаку за да го максимизираме странскиот интерес и нивната „љубов“ кон нас – најдобро ќе биде да македонскиот работник им работи за 1 евро месечно. Тоа мислам дека нив најмногу би ги задоволило… Но каде е тука нашиот интерес.

ПС. Во однос да нашето водство има страв дека покачувањето на минималната плата ќе го намали инвестирањето или ќе предизвика губење на работни места, само ќе напоменам дека ние имаме најмала реална минимална и средна плата во Европа споредбено со нашите “конкуренти“. Сепак Косово, Молдавија, Албанија и Босна и Херцеговина имаат многу помалку инфраструктура од секој вид споредбено со Македонија, нивото на образование е далеку пониско, нивото на индустриска поврзаност исто така. Така да не треба да има страв од овие мерки. А доколку некој инвеститор баш поради овие мерки реши да не инвестира или да се повлече од Македонија – нека му е со среќа на новото место. Ние треба да го замениме и да ја пополниме таа празнина со домашни компании кои ќе ја апсорбираат неговата отсутност. Или така ќе работиме или уште долго ќе останеме тоа што во моментов сме – модерни робови на периферијата на европската економија.

 

Наум Димитровски