Банка да ја пропадниш со ваква продажна мрежа низ цела земја, – навистина заслужува честитка и Нобелова награда за анти-економија.

 

Во врска со последните случувања во Еуростандард банка и медиумската какафонија што се крена околу затварањето на банката, првенствено до нејзиниот сопственик, Трифун Костоски а подоцна и од оштетените штедачи, се одлучив и јас да напишам збор два во врска со моите размислувања што е случувано таму. Гледајќи го развојот на настаните можеме да заклучиме дека сите во случајов глумат жртви, бараат помош и разбирање. А во случајов има само една жртва, до која ќе дојдеме на крај на текстот.

Прва жртва која силно глуми и е доста оштетена е сопствениот Трифун Костоски. Излезе да кукат и какат по телевизии како тој бил изигран од Николчета, како Народна Банка му ја стегнала јамката, како тајни и мрачни политички структури му го стокмиле на Трифуна… Не бе господине транзициски сејач на магла, никој ништо не ти направил. што можеш сам да си направиш не може никој. Ти си одговорен по повеќе основи: Прво, ти како сопственик, кога си гледал дека токсичната актива расте, расте бројот и износот на нефункционални кредити си требел веднаш на крст да го распнеш Николчета, во најмала рака да го разрешиш. Ама, толку разбираш, па во вакумот меѓу пурата и глупоста, во самракот на еготрипот и неписменоста ми ти продавале пуфки и ти си голтал. Второ, по командна одговорност, ти како „прецедник“ на Надзорен Одбор, си имал обврска ова да го нотираш и санкционираш. Ама пак си бил со пурата, себеисполнетоста и шупливата гордост па ништо не си видел. Убаво ти направиле… Продолжи да глумиш… Ево и сега глумиш на камери, ама без банка.

Турците имаат еден убав збор и вика: Арам гелди, арам гити. На нашки преведено, арам дошло арам пошло. Да си ја направел банката сам, од почеток, со труд и пот, со крв и непроспани ноќи, немало вака Николче да танца низ билансите на успех на банката. Ама си зграбил се така, на ебамуја, така и си замина. Исто си зграбил, како целата твоја плејада од деведесеттите, транзициски олигарси и мативоди, кои ја обезвреднија прво, па опљачкаа второ и присвоија трето, целата економија и сите ресурси на Македонија. Вклучително и младоста и иднината на мојата и многу други генерации. Ве има повеќе, но отворениот пазар и либералниот капитализам кој тука владее ве чисти еден по еден. Помина времето на курназлаци, дојдоа западни разработени системи во секој бизнис, и вакви како тебе, неписмени а лакоми, ќе ве исчистат за брзо. Не од друго, едноставно не знаете… Тое е… Да знаеше ти и Николче, на онаа мрежа од продажни места – секоја пошта од Скопје до Свирипичино, па да знаевте да ги обучевте вреботените да Ви продаваат кредити, картички, овердрафти,чуда врагови… Ќе бевте број 1 банка. Банка да ја пропадниш со ваква продажна мрежа низ цела земја, – навистина заслужува честитка и Нобелова награда за анти-економија. Тоа е тоа кај оваа самопрогласена жртва, одиме понатаму…

Втора жртва која исто се самопрогласи бил директорот Николче. Со добропознатата македонска шупливост, егоцентризам и никаков визионеризам, Николче заедно со пастрмкана која му виси на стомакот да ти бил директор. Ничим изазван, тој електронешо инжинер, го купосал Трифун за директор. И не било каков, туку генерален. Чунки само во Македонија ИТ инжинер може да биде директор на банка… И агент за осигурување, и менаџер по туризам, и со средно образование…. Само економист не може да биде директор на банка. Е сега Николче, што мател, како мател, зошто не земал хипотеки на кредитите, зошто Трифун не реагирал на овие глупости кои најверојатно се и контра процедурите на банката, не е јасно и тоа ќе го утврди истрагата која е во тек. Си мател Николче нешто, си договарал фирми, кредити, партии, чуда, циркузи и епилогот е овој… Ова ти се случува кога ставаш неписмени, коруптивни и несоодветни кадри да ти водат банка. На крај завршуваш на буништето на историјата и финансиите, полн со изговори и банкроти…

Трета жртва – штедачите. Донекаде оправдана жртва, но не би се сложил целосно. Зошто? Затоа што од овој избор на професионални, странски и една јако професионална домашна банка, париве да му ги доверам на Трифун Пурава и Николче Пастрмкана, јас треба да сум откачен. Што таму мателе разни фаци попут Нина Групер и слични стварно не знам. Но јас моја заштеда на транзициски хохштаплер не доверувам, особено не ако банкава ја води ИТ инжинер… Абе во кој свет живеете вие луѓе? И вас добро ви се направи…

Секоја чест за професионалноста и работењето по сите стандарди и Базел-и на Народната Банка. Луѓето културно, професионално и согласно светските стандарди за адекватност на капиталот на банките си постапија како што треба. Нема збор.

И, the last but not the least, дојде време да ја кажеме вистинската жртва на оваа сељачко-лоповска сага. Тоа сме ние драги народе… Покорниве овци… Од наши пари, од наш буџет ќе се обесштетуваат штедачите на Еуростандард Банка. Каде го има ова не знам. Што има ние, јас, ти, тој, да плаќаме за ујдурмите на Николче и Трифун. Државата треба да се замисли… Не смее вакви проблематични пласмани ние да ги плаќаме од заедничкиот буџет. Ова е неправда, и ако државата обесштетува во ваков случај, треба народот да ја тужи државата. Народот не дава дозвола од заеднички пари да ги покриваме на Трифун и Николче. Стечајниот управник прво да замрзне и продаде цел имот на протагонистите на овие бурлески, и знаен и незнаен имот, а потоа да разговараме за државна помош во обесштетувањето. Секој што ќе обесштетува во овој случај е директен соучесник во оваа финансиска ујдурма! Нема ние што да плаќаме за некој да се богати преку кредитни ујдурми. Народот е жртвата, буџетот ќе биде искасапен за пари кои овие двајца ги пренасочиле преку кредити без хипотеки во свои/туѓи џебови…

Ова го нема ни во Тунгузија…

 

 

Наум Димитровски