Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска уверуваше дека македонското овошје и зеленчук ќе се пласираат на пазарите во Украина, како компензација за загубените пласмани во Русија.

Одговарајќи на новинарското прашање како државата ќе им помогне на одгледувачите на праски од најголемиот регион во земјава, Росоман, кои нема каде да го пласираат родот, тој рече дека Украина треба да е замена за рускиот пазар, кој македонските одгледувачи го загубија по инвазијата на Русија врз Украина и забраната за извоз на тамошниот пазар.

„По потпишувањето на договорот за слободна трговија во делот на земјоделството, потпишан во Прага помеѓу нашиот и украинскиот премиер, договорот македонското Собрание го ратификуваше, а исто и украинската страна. Тоа значи бесцарински извоз на приоритетното македонско овошје и зеленчук на тамошниот пазар. Како олеснување за пласман на родот на овоштарите, летово ќе се откупат 880 тони праски, кајсии, цреши, јаболка, сливи и круши, како оброк за децата во градинките, проект кој дава успешни резултати“, рече Николовски.

Николовски заедно со премиерот Димитар Ковачевски ги посети површините под праска и кајасија во Росоманско и Градско како и бројните лозја.