Мерките донесени од Владата, а пред сè договорното производство, а и поврзувањето на производителите и откупувачите со посредство на МЗШВ, денес даваат резултати и како резултат на тоа имаме и двојно зголемен откуп на сончоглед, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при денешната посета на прехранбената индустрија „Кристал“, попозната како „Маслодајна“.

Тој заедно со сопственикот на „Кристал“ Горанчо Лазов денеска се сретна и разговараше со производителите на сончоглед и ги сослуша нивните проблеми, потреби и барања.

Претседателот на Здружението за производители на сончоглед и самиот производител Никола Петковски од Свети Николе истакна дека започнале производство на две илјади хектари, а лани го зголемиле на околу осум илјади хектари под сончоглед.

Министерот Николовски рече дека лани во услови на криза и започнување на војната во Украина, биле усвоени низа на мерки со кои пред сè промовира договорното производство.

– Ефектите се очигледни затоа што имаме двојно зголемено откупено производство на сончоглед во 2022 година и тоа може да го потврдат откупувачите. Во 2021 само велешки „Кристал“ откупил 4000 тони, а лани над 10 илјади тони откупен сончоглед. Имаме рекордни откупни цени на сончоглед, во 2021 од 22 денари, а во 2022 година откупната цена достигна 35 денари за килограм. Затоа како држава треба да најдеме начин како оваа доверба што е изградена помеѓу производителите и откупувачите и да ја задржиме и да ја одржиме токму преку измените на Законот за земјоделство и рурален развој каде што се овозможува субвенционирање на каматните стапки преку Програмата за рурален развој, потенцира министерот Николовски.

Тој информира дека како резултат на сето тоа, во 2022 година во земјава е намален увозот на сончоглед.

На пример во 2021 имало увоз на 4000 тони, а лани на само илјада тони сончоглед. Тоа, според него, е крајната цел и ефект.

Воедно и со интервентната мерка за набавка на ѓубриво по 2500 денари по хектар за производството на сончоглед, како и,преку мотивирачката мерка од 5760 денари по хектар за остварено производство, односно за зголемен принос по килограми: Тука се и субвенциите за предавање на производството во земјава за производство на домашна храна.

Министерот Николовски посочи дека со сите мерки на Владата, лани цената на маслото за јадење беше над 155 денари за литар, а годинава е 90 и под 90 денари за литар.

Тој посочи дека сончогледот е една од земјоделските култури која целосно и понатаму ќе се поддржува, со цел домашните производители да имаат суровина-сончоглед од домашни производители.

Сопственикот на прехранбената индустрија „Кристал“, Горанчо Лазов потсети дека поранешната фабрика „Маслодајна“ годинава слави 100 години од своето постоење.

Тој потенцира дека има зголемено производство, а тие како резултат на тоа тие имаат намален увоз на сончоглед.

– Се надевам дека во скорашна иднина ќе имаме доволно сончоглед од домашни производители, со што ние како производители ќе немаме потреба да увезуваме, бидејќи со сите овие мерки и со навремена исплата од нас. Сметам дека се повеќе и повеќе се зголемува интересот за сеење на сончоглед. Воедно, мислам дека претстојната реколта ќе има зголемено производство. Од наша страна можеме да ветиме дека ќе го откупиме целото произведено количество на сончоглед во земјава, вели Лазов.

Тој рече дека иако засега нема можност 100 посто да се задоволат потребите на македонските производители со домашна суровина, сепак се надева дека во идните години ќе има уште повеќе зголемено производство на сончоглед, а со што тие како производители на масло за јадење не ќе имаат повеќе потреба од увоз на сончоглед.

Никола Петковски од Свети Николе производител и претседател на Здружението на производители на сончоглед, оцени дека произвидетелите лани имале задоволувачка производствена година.

Тој појасни дека пред четири години имаше само илјади хектари, а лани околу 8000 хектари под сончоглед.

– Зголемено е по 15 илјади тони повеќе производство на сончоглед бидејќи се направија мерки кои се задоволителни за производителите на сончоглед, да можат да ги покријат трошоците, а воедно имаат и сигурност, со тоа што им е загарантиран откупот. Мислам дека со сите дадени услови и субвенции дека годинава ќе има и зголемени површини под сончоглед за 20 отсто, истакна Петковски.

Тој најави дека за 15 тина дена ќе започне сеидбата на сончогледот на македонските ниви.

На новинарска констатација дека лани во земјава се произведени 15 илјади тони сончоглед, а се откупени 11 илјади тони.

Петковски информира дека четири илјади тони сончоглед од македонските ниви завршил кај малите производители кои сончогледот го пакуваат за грицкање и истиот го извезуваат во Косово.

– За цената на сончогледот моментално не можеме да ја одредиме. Инаку моментално цената паѓа, а ако биде колку ланската, сепак ќе бидеме задоволни, појасни Петковски по новинарско прашање.