И додека едно од најгласните предизборни ветувања на доскорешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, беше раст на минималната плата, работниците повторно останаа извисени.

Со неговиот пораз падна во вода и ветувањето за пораст на минималната плата од 15.200 на 18.000 денари веќе на почетокот на следната година.

Додека се очекува раст на цената на струјата, која ќе предизвика натамошен раст на цените на продуктите, работниците засега остануваа „со празни раце“.

И работодавачите, се против пораст на минималецот, а како аргументи ги посочуваат здравствената и енергетската криза кои ја намалиле продуктивноста на компаниите.

-Како организација која ги застапува интересите на работодавачите повикуваме на исклучителна внимателност при лицитирањето со можноста за повторно зголемување на минималната плата. Нашите анализи покажуваат дека секое ново зголемување на минималната плата само ќе ги зголеми трошоците и ќе предизвика дополнително оптоварување на бизнисот и затворање на голем број капацитети кои нема да можат да опстојат во и онака тешките услови за стопанисување предизвикани од пандемијата, изјави вчера претседателката на Организацијата на работодавали на Македонија Владанка Трајкоска.

Таа потсети дека со последното законско усогласување од крајот на март оваа година, минималната плата во земјава се покачи до вредност од 50% од просечната плата, со што земјата ги исполнила критериумите на ЕУ во оваа област.

Во земјава има околу 720.000 вработени лица кои ги очекуваат новите одредби од Законот за работни односи во кои се ветуваат поголеми права.