За еден месец почнува извозниот шпиц на македонското јагне. Сегашните понудени откупни цени се помали за 20 денари од реалните за килограм жива мера и овчарите ги оценуваат како најниски досега, кои не ги покриваат ни производствените трошоци. Извозниците пак, велат дека не можат да дадат повеќе, правдајќи се дека цените ги одредуваат странските купувачи.

Овчарите повторно стравуваат за откупната цена на јагнешкото. Во моментов им се нудат од 140 до 150 денари за килограм жива мера која според нив треба да изнесува од 160 до170 денари. Со вакви цени велат, македонското јагне никогаш досега не се продавало за толку малку пари и покрај висок квалитет и големата побарувачка на европскиот пазар.Цената на домашното јагне ја одредуваат странските  купувачи, велат извозниците, но сточарите сметаат дека ова е само изговор за да може јагнешкото да се откупува поевтино.

Лани, истакнуваат од здружението на оддгледувачи на овци, цената  пред извозниот шпиц беше иста како сега, околу 150 денари за килограм, но подоцна кога се зголемила понудата, се лизна на 110 до 120 денар. Истото го очекуваат и годинава.

За надминување на овој проблем кој се јавува подолго време, според извозниците решението можеби треба да се бара во обезбедување поголема државна поддршка за овчарите, по примерот на други земји.

Според проценките оваа сезона се очекува да има околу 200.000 јагниња за продажба. Освен на традиционалните пазари, во Хрватска и Италија, побарувачка, има и од Бугарија, Германија, Британија, како и од арапските земји.

Извозниот шпиц почнува од 20-ти март.