Со позитивни деловни перформанси во клучните сегменти од работењето, НЛБ Банка го заврши првиот квартал од годината. Во периодот од 1.01.2023 до 31.03.2023 година, одговарајќи на финансиските потреби на клиентите, Банката испорача силна кредитна поддршка за населението и домашниот бизнис сектор, зголемувајќи го пласманот на вкупните кредити и обезбедувајќи раст од 4,9% во овој сегмент, споредено со истиот период претходната година. Истовремено, и вкупните депозити на Банката се зголемени за 2,8%, што во најголема мера се должи на зголемувањето на позитивните салда на трансакциските сметки кај домаќинствата.

Во анализираниот период, Банката оствари нето добивка во износ од 802.487 илјади денари, што претставува зголемување за 22,8% во однос на остварената нето – добивка истиот период претходната година. Зголемувањето се должи на континуирани продажни активности на кредитните продукти со посебен фокус на домаќинствата, микро, малите и средни претпријатија како и зголемен број на корисници на платните сервиси на Банката.

Позитивните деловни перформанси може да се припишат на фокусот на Банката во поттикнување на оперативната ефикасност, обезбедување одлична услуга за клиентите и спроведување на ефективни стратегии за управување со ризик.

Во првиот квартал од годинава, НЛБ Банка доби три признанија од картичниот партнер Visa – една од најголемите платежни мрежи во светот и глобален бренд во дигиталните плаќања, од кои едно за исклучителни деловни перформанси и две признанија за извонредни Visa спонзорски активации: за светското првенство во фудбал во Катар, како и за последното филмско остварување на Милчо Манчевски, „Кајмак“. За донацијата наменета за настраданото население по земјотресите во Сирија и Турција, на свечената церемонија по повод 78 години од постоењето на организацијата на Црвениот крст на РСМ на НЛБ Банка и беше доделена Благодарница во знак на признание за несебичниот придонес, покажаната хуманост и солидарност.

Банката е системски значајна банка врз основа на Одлуката за методологијата за идентификување системски значајни банки на Народната банка на Р.С.Македонија, со силна пазарна позиција и висок пазарен удел во банкарскиот сектор на Република С.Македонија.

НЛБ Банка, и натаму, продолжува да биде поддршка на населението и бизнис секторот во земјата, давајќи притоа значаен придонес во макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата. Во фокусот на работењето на Банката остануваат дигитализацијата, унапредување на дигиталните канали во насока на зголемување на дигиталната пенетрација на клиентите. Освен тоа, Банката продолжува да работи и на унапредување на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на „зелените“ продукти, како и на општествено одговорни проекти за грижа за своите вработени и заедницата во целост.