По повторното воведување на мерките за карантин во Европа, економистите предвидуваат враќање на европската економија во рецесија. Овој пат, економскиот пад ќе биде нешто поблаг отколку во пролетта, но веќе има навестувања дека Европа може да биде најголемиот губитник во пандемијата во споредба со Кина и Соединетите држави.

По рекордниот раст на БДП во третиот квартал, Европа ризикува да се врати во рецесија, бидејќи строгите мерки на ограничување насочени кон спречување на вториот бран на коронавирусот брзо доведоа до крај на веќе кревкото закрепнување, посочува Си-Ен-Ен.

Бруто домашниот производ на Европската унија (БДП) порасна за 12,1 процент во периодот од јули до септември, објави неодамна статистичката агенција Евростат, додавајќи дека во 19 земји што го користат еврото, БДП се зголеми за 12,7 проценти. Растот, што следеше со голем пад во вториот квартал, беше најголем од 1995 година. Но, посочува Си-Ен-Ен, европската економија е сè уште околу четири проценти помала отколку што беше на крајот на септември минатата година.

Во Франција „вториот пад“ веќе започна, по рекордниот пораст на БДП за 18,2 проценти во третиот квартал, а изгледите за значително закрепнување во 2021 година „нагло паѓаат“, велат експертите. Германската економија порасна за 8,2 проценти во периодот од јули до септември, но е за 4,2 проценти помала во споредба со истиот квартал лани. Во Шпанија, каде БДП порасна за 16,7 проценти во третиот квартал, економијата беше за 8,7 проценти помала отколку во истиот период во 2019 година, додека во Италија, економијата скокна за 16,1 проценти во третиот квартал, но за 4,7 проценти помалку од минатата година.

Празни улиците на Брисел

На хартија, се чини дека европската економија закрепнува од кризата, особено по рекордниот раст во третиот квартал. Но, сликите од Париз, Мадрид и Франкфурт покажуваат поинаква ситуација. Кафулињата се затвораат, театрите ги откажуваат настапите, а градските улици изгледаат како во март повторно, пишува Њујорк Тајмс, нагласувајќи дека мерките за затворање на Европа ризикуваат нов економски пад.

Додека властите во Европската унија се очајни да спречат зголемување на бројот на заразени, во исто време тие прават напори да најдат начини за поддршка на невработените работници, со цел да се спречи банкрот на рестораните и другите компании. ЕУ вети помош од 750 милијарди евра и неодамна продаде обврзници за да помогне во плаќањето на програмите за поддршка. Но, додава весникот, поради „политички ќорсокак во Брисел“, парите допрва треба да стигнат до луѓето и компаниите на кои им се потребни.

Новите рестриктивни мерки воведени од земјите ширум Европа предизвикаа низа нови прогнози за економски раст кои генерално се полоши од претходните предвидувања, посочува „Фајненшл тајмс“. Весникот наведува дека економијата во еврозоната сега се очекува да се намали за 2,3 проценти во последниот квартал од оваа година.

И покрај зголемувањето на случаите на инфекција, ФТ додава дека новите мерки воведени низ цела Европа се помалку строги од наметнатите пролетта, додека фирмите се подобро подготвени да се справат со нарушувањата. Ова значи дека економистите очекуваат дека новиот економски пад сепак ќе биде поблаг отколку во пролетта, нагласува ФТ и додава дека во првата половина на годината, економското производство на еврозоната падна за 15 проценти.

Заостанување зад Кина и САД

Иако економскиот пад во еврозоната не се очекува да биде толку длабок како во април, сегашните прогнози покажуваат дека Европа на крајот би можела да стане една од најслабите делови на светската економија и да заостане зад САД и Азија, проценува „Волстрит журнал“. Кина веќе се врати на нивоата пред пандемијата, САД се 3,5 проценти под тој праг, додека еврозоната заостанува 3,7 проценти.

Истражувањето на Баркли проценува дека економијата на САД најверојатно ќе се врати на нивото од пред-пандемијата во последните месеци од следната година, додека големите европски економии ќе треба да почекаат до 2023 година. „Можеби е рано да се нарече Европа главен губитник на оваа криза со Ковид-19, но засега се чини дека четвртиот квартал ќе биде полош за Европа“, рече Кристијан Келер, главен економист од Баркли.