Со Предлог – законот за бесправно изградени објекти, што вчера гоо усвои Владата, ќе се легализираат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот регион и заштитените подрачја, како и згради, доградби и надградби на згради, времени и помошни објекти.

Се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација и тоа за објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти.

Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.

Она што нема да може да се легализира се бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион, а за кои е утврдено дека не се во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, изградени во граници на заштитени подрачја и тоа Зона за строга заштита и Зона за активно управување, изградени во споменичката целина на Старото градско јадро на Охрид, изградени во подрачје на заштитено недвижно културно наследство, изградени во подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини.

Исто така, нема да се легализираат и дивоградби изградени во заштитни зони на аеродроми, изградени во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, изградени на сообраќајници и на подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон, изградени во заштитен појас на државни и локални патишта и во заштитен појас на железничка инфраструктура, изградени на земјиште за кое во Катастарот на недвижности е запишано право на хипотека. Не може да се легализираат  ниту згради како и доградби и надградби на зградите со намена А2, како и  сите видови на времени објекти (базени, гаражи), сите видови на урбана опрема и помошни објекти кои се во функција на друг објект.

Еден барател ќе може да легализира само еден објект. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. И со ова, потенцираше Бочварски, не дозволуваме можни злоупотреби со изјавата на нотар, нешто што беше случај во претходниот закон.

Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот.