Нова 15 годишна обврзница издаде Министерството за финансии. Станува збор за помала сума од околу два милиони евра, а нејзината камата ќе биде иста како и обнаа на претходната емисија, односно 5,4 отсто.

„Ве известуваме дека согласно Барањето од страна на Министерството за финансии за котација на државни обврзници, почнувајќи од 17.01.2023 година на Официјалниот пазар на потсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници“, стои во објавата од Македонската берза.

Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, а вредноста на емисијата е 124,94 милиони денари, или околу два милиони евра. Датумот на издавање е јануари годинава, а на доспевање е јануари 2038 година, додека каматната стапка изнесува 5,4 отсто.

Инаку, пред околу една недела беше регистрирано исто така издавање на државни обврзници со рок на доспевање од 15 години, и тоа на поголема сума од околу 14,5 милиони евра, а дел од нивните каматни стапки достигнаа и до 5,4 отсто.

На стартот на минатата година, пак, каматите на овие државни обврзници иснесувале 2,7 проценти.

Преку државните обврзници државата се задолжува на домашниот пазар, кај банките, фондовите и други институционални инвеститори.