Комплетно модернизирана и дигитализирана на 15.02.2021 година започна со работа експозитурата на Комерцијална банка во Дебар. Во експозитурата Банката на своите клиенти им обезбедува брз и ефикасен начин за извршување на нивните банкарски трансакции на шалтер или во дигиталниот дел, кој работи 24 часа секој ден.

Дигиталниот дел е опремен со банкомат за подигање готовина и со најнов дигитален киоск за безготовинско плаќање. Дигиталниот киоск е современо решение со кое Банката им овозможува на граѓаните без провизија, без посета на шалтер и со картичка од која било банка да плаќаат сметки за јавни услуги (ЕВН, БЕГ, А1, Телеком и Телекабел), како и да испечатат извод од трансакциска сметка на физичко лице за која има претплата на Интернет банка. Влезот во дигиталната зона 24/7 е овозможен со сите банкарски картички.

Шалтерите во експозитурата се отворени од понеделник до петок од 08:00 до16:00 часот, а ги обезбедуваат следниве услуги: отворање трансакциска сметка во денари или во девизи, плаќање во земјата и во странство, брз трансфер на пари, менувачко работење. На клиентите им се достапни и богатата понуда на кредитни производи и штедни влогови, можноста за купување удели во инвестициски фондови и осигурителни полиси, како и стручни совети и обука за користење на електронска банка и мобилно банкарство за физички и правни лица.

Дигиталниот дел во новата експозитура на Комерцијална банка во Дебар им овозможува на граѓаните уште една привилегија – заштита на нивното здравје од вирусот Ковид-19 поради избегнување контакти со други лица. Секако, во целата експозитура останува обврската за почитување на мерките за заштита од Ковид-19 –  заштитна маска, марама или шал на лицето, држење на пропишаното минимално растојание и дезинфекција на рацете.