За земјоделските задруги сѐ уште неможе да се каже дека се ефикасни и учествуваат со многу мал процент во домашното производство. Нивниот број не се зголемува иако поволностите од здружувањето на земјоделците се веќе познати и успешно функциунираат во многу други држави. Новата стратегија за задругарството се очекува да ги промени состојбите и да создаде поголем интерес за овој сектор.

Генерално, домашните земјоделски задруги не можат да обезбедат доволни количества и соодветен квалитет на производи. Нивната преговарачка моќ е слаба, и се под големо влијание на трговците и посредниците, кои ги диктираат условите и за набавката на материјалите и за продажбата. Вака е оценето нивното функционирање во нацрт стратегијата за земјоделски задруги која се изготвува со помош на Европската унија.

Се наведува и дека задругите не придонесуваат во решавањето на недостигот на стандардизација, слабата организација и ограничените количества на земјоделски производи.

Малите и разделени земјоделски задруги не се ефикасни. Нивниот сегашен  удел се проценува дека е помалку од 1 процент во домашното земјоделско производство. Имаат малку членови,  во просек 12 кои не секогаш ги нудат своите производи во задругата. Честопати повеќе сакаат самите директно да го продадат најдобриот квалитет, а на задругите да им ги доставуваат производите од пониските класи. Ова носи лоши резултати и послаба позиција на зеадругарите во преговорите со партнерите. Причината, според експертите е во малиот број на членството, слабоко користење на технологијата  и ограничениот пристап до пазарот и до финансиите.