Засилените тензии околу Ормутскиот теснец ја поттикнуваат појавата на нови трговски правци, при што сè поголемо внимание привлекува коридорот што ги поврзува Египет и Трст во Италија.

Поради нестабилноста во регионот и наглиот раст на трошоците за осигурување на бродовите, поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец значително опаднал – од околу 178 бродови дневно на само пет до седум. Во исто време, осигурителните премии од воен ризик пораснале од 0,15 на дури 10 проценти, што довело до застој на стотици танкери и раст на транспортните и енергетските трошоци.

Во вакви услови, Египет се позиционира како клучен логистички центар меѓу Европа, Африка и Блискиот Исток. Новата рута се базира на таканаречен систем „рол-он/рол-оф“ (товарење и истоварување возила со сопствен погон) и ја поврзува египетската лука Дамиета со италијанскиот Трст, овозможувајќи побрз транспорт на стоки.

Од Трст, товарот понатаму се распределува кон западна, централна и југоисточна Европа. Овој правец има потенцијал да стане важна алтернатива на традиционалните поморски рути, особено во услови на зголемени геополитички ризици.