Европската Унија отсега до 2050 година ќе треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарни централи од новата генерација, изјави комесарот за внатрешниот пазар на Унијата во интервју објавено викендов.

„Само на постојните нуклеарни централи ќе им требаат 50 милијарди евра инвестиции отсега до 2030 година. А на новите генерации ќе им требаат 500 милијарди!“, изјави Тјери Бретон за Journal du Dimanche.

Бретон, исто така, тврдеше дека планот на ЕУ да ја означи енергијата од нуклеарките и природниот гас како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал.

ЕУ се консултира со своите земји-членки за овој предлог, со внатрешни несогласувања околу тоа дали овие извори на енергија навистина можат да се квалификуваат како одржливи опции.

Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, нејзиниот главен извор на енергија, и покрај силното противење од Австрија и скептицизмот од Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни централи.

Во предлогот се наведува дека Европската Комисија „смета дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, кој во голема мера се заснова на обновливи извори на енергија“.

Во моментов, блокот добива 26 отсто од својата енергија од нуклеарните централи, но Бретон процени дека до 2050 година таа ќе се намали на околу 15 отсто.

Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад.

Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со издадени дозволи до 2045 година, додека работата за проширување на работата на постоечките електрани треба да биде одобрена до 2040 година.