Компанијата зад ChatGPT, апликација која на само еден клик и команда пишува есеи, песни или компјутерски кодови, ќе започне со долгоочекуваното ажурирање на својата технологија за вештачка интелигенција за која вели дека ќе биде побезбедна и попрецизна од нејзиниот претходник.

Верзијата на ChatGPT 4 долго се чекаше откако ChatGPT се појави на сцената кон крајот на ноември минатата година, воодушевувајќи ги корисниците со своите способности кои се базираа на постара верзија на технологијата за вештачка интелигенција позната како модел на големи јазици.

„Го направивме ChatGPT 4 како најнова пресвртница во напорите на вештачката интелигенција за зајакнување на скалата на длабоко учење“, се вели во блогот на компанијата, додавајќи дека вештачката интелигенција „покажува перформанси на човечко ниво“ дури на некои професионални и академски задачи.

Компанијата соопшти дека моделот е „покреативен и покооперативен од кога било досега“ и „ќе ги решава тешките проблеми со поголема прецизност“ од неговите претходни верзии. Со најавеното ажурирање, текстуалните одговори од ChatGPT 4 ќе бидат попрецизни и во иднина ќе доаѓаат и со внесување слика или текст, што е голем чекор напред за технологијата, иако овој аспект сè уште не е најавен, пренесува Science alert.

На пример, ако корисникот испрати слика од внатрешноста на фрижидерот, ChatGPT 4 не само што точно ќе идентификува што има таму, туку и ќе открие што може да се подготви со тие состојки.