Бројот на богати луѓе во светот порасна со брза стапка минатата година, поттикнат од растот на берзата и цените на куќите. Така, сега, во рацете на само 1 отсто од најбогатите, има речиси 50 отсто од вкупното светско богатство.

Дури 5,2 милиони луѓе минатата година постигнале статус на милионери, а речиси половина од нив се во Соединетите Американски Држави, покажува најновиот годишен извештај на Credit Suisse.

Се вели дека ова е најголемото зголемување на бројот на милионери забележано во која било земја овој век. Вкупниот број на милионери ширум светот на крајот на 2021 година изнесувал 62,5 милиони, проценила швајцарската банка, пренесува CNN.

Извештајот, објавен во вторникот, покажа дека вкупното глобално богатство на крајот на минатата година изнесувало 463,6 трилиони долари, што претставува скок од 9,8 отсто.

Секоја земја, се наведува, веројатно била поддржана и од значително зголемување на економското производство во 2021 година, комбинирано со „силна“ активност на берзите или пазарот на недвижности. Споменатиот резултат уште еднаш ја влоши глобалната нееднаквост, која веќе значително се влоши за време на пандемијата.

2020 година забележа историски неуспех во борбата против глобалната сиромаштија, при што расте бројот на најсиромашните во светот – за прв пат во 20 години, според Светската банка.

Институцијата проценува дека десетици милиони луѓе сè уште би можеле да живеат во екстремна сиромаштија оваа година, поради долготрајните ефекти од пандемијата, војната во Украина и зголемената инфлација.