За ИПАРД 3, ЕУ на нашата земја ѝ одобри 97 милиони евра, додека заедно со кофинансирањето од државата и апликантите, вкупната вредност на Програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра – средства кои треба да се реализираат во следните 7 години, објави на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Даниела Колева.

„За дополнително да се зголеми интересот и реализацијата на проекти, со новата ИПАРД 3 Програма предвидуваме можност за авансна исплата до 50 проценти од финансиската поддршка. Она што треба да се напомене е дека ова се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме, а со нив ќе се финансираат проекти во земјоделството, во инфраструктурата, во нови работни места и локален економски развој. Сето ова почитувани, е потврда колку е важна нашата интеграција во ЕУ“, рече Колева.

Како што додаде, со почетокот на преговорите, со отворањето на првите поглавја, средствата од европските фондови дополнително ќе се зголемат, тоа значи повеќе пари за нови капитални проекти, за развој, за поддршка на отворање нови бизниси и за проширување на веќе постоечките.

Владата во период од 2017 до 2022 година има склучено 2.363 договори со финансиска поддршка од 80 милиони евра од кои 60 милиони се од Европската Унија преку ИПАРД 2 Програмата, а 20 милиони евра се национално кофинансирање.