Јавното претпријатие „Билјанини извори“ со нови цени за услугите што ги нуди и можност пајак службата да подига возила од паркинг простор со кој стопанисува претпријатието без присуство на сообраќајна полиција. Одлуката беше потврдена на денешната седница на Совет од мнозинството советници.

Со новата одлука тарифирањето ќе се одвива во два периоди летен и зимски, кои ќе траат по шест месеци, за разлика од досегашните девет месеци зимски и три месеци летен период. Согласно новиот ценовник, граѓаните за паркинг во премиум зоната ќе плаќаат по 100 денари од час од 1 април до 30 септември, односно 30 денари во зимски период, а нови цени има и во А и Б зоните, како и за пловните објекти.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска забележа дека освен поскапувањето на цените за услугите на ЈП „Билјанини извори“ се воспоставуваат и нови права за претпријатието, како и дополнителни обврски за граѓаните.

– Поскапувањето е во сите три зони, со тоа што во премиум зоната ситуацијата доколку се направи една груба пресметка и со самите измени остане иста што значи дека граѓаните во премиум зоната шест месеци ќе плаќаат по 100 денари, наместо досегашните три месеци за оваа сума, а останатите шест ќе има намалување и ќе бидат по 30 денари од час. Карактеристично е зголемувањето во А и Б зоните, истакна Ангелоска.

Забележа дека евидентно е зголемувањето на цените и во сидриштето во ЈП „Билјанини извори“ за сопствениците на глисери кои плаќале по 9.000 денари сега треба да плаќаат 16.500 за шест месеци, односно од 18.000 сега 33.000 за цела година.

Новина, нагласи, е можноста ЈП „Билјанини извори“ да може да подига возила оставени на паркинг просторот со кој стопанисува, со пајак возилото без асистениција на сообраќајна полиција.

– Познато е дека досега отстранување и пренесување на непрописно паркирано возило правеше пајак службата, единствено со налог и присуство на сообраќајната полиција. Сега се дава право ЈП „Билјанини извори“ на своја рака кога ваквата услуга ќе ја побара нивниот контролор-блокатор да го отстрани возилото од нивните паркинг простор без посредство од полиција, само затоа што не биле евидентитани во системот за наплата, односно не поседувале валиден патен налог, рече Ангелоска, додавајќи дека надоместокот за подигнато возило изнесува 2.500 денари.

Координаторот на советничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Перчо Божиновски пак појасни дела не станува збор за зголемување на цените, туку прераспределба на времетраењето на периодот и изедначување на летниот и зимскиот период.

– Кога го кажувам ова мислам на Премиум зоната каде што всушност се намалува цената од 60 на 30 денари, односно во оној период кадешто го карактеризираме како шпиц на сезоната останува ист, но за останатиот се намалува. Во однос на Одлуката за цените за паркирање во каналот за пловните објекти, тоа што треба да ги интересира граѓаните е дека се зголемуваат цените само за глисери, додека за останатите пловни објекти остануваат исти, вели Божиновски.

Во однос на можноста пајак службата на ЈП „Билјанини извори“ да подига возила, посочи дека тоа не е новитет и оти успешно се спроведува во Општина Центар.

– Правилникот кој функционира во Општина центар ќе биде спроведен и тука. Одлуката штом веќе профункционирала во градовите нема причина и кај нас да не се спроведе. Како ќе се реализира ќе видиме на терен, но факт е дека на ЈП „Билјанини извори“ треба да му се даде таква можност. Целта е зголемување на наплата, но и регулирање на сообраќајот, што ако немаат помош од полицијата да може да реагираат тие на свој начин, истакна Божиновски.

Опозицијата обвини дека на секоја седница на Советот се носат нови ценовници со покачени услуги наведувајќи ги јавните претпријатија „Охридски Комуналец“, „Градски пазар“, „Градски гробишта“, а од денеска и „Билјанини Извори“.