Комерцијална банка континуирано ја проширува палетата на кредитни производи и дигитални услуги кои се прилагодени на потребите и можностите на клиентите. Во услови на пандемија и голема неизвесност, атрактивните потрошувачки и станбени кредити ги направивме уште поповолни со полисите за осигурување од групацијата Триглав, воведовме штедење без книшка и отворивме дигиталните канали и зони кои 24 часа им обезбедуваат банкарски услуги на корисниците, вели Габриела Миленковиќ, директор на Сектор за работа со население во Комерцијална банка АД Скопје

Комерцијална банка АД Скопје деновиве беше прогласена за „Банка на годината во Северна Македонија“ од страна на финансискиот магазин The Banker, што е до сега деветто вакво признание за КБ и кое банката го добива втора година по ред.

Оваа престижна награда е резултат на севкупното работење на Комерцијална банка како финансиска институција која што има клучна улога во поддршката на економското закрепнување во земјава и излегувањето во пресрет на потребите на клиентите.

Истовремено, Комерцијална банка продолжува да го осовременува работењето, нуди нови производи, а неодамна го претстави и новиот визуелен идентитет: променет и обновен изглед, ново лого, модернизирани филијали, нов слоган и нов корпоративен спот.

Сето ова беше повод за интервју со Габриела Миленковиќ, директор на Сектор за работа со население во Комерцијална банка АД Скопје, со која разговаравме за новините во работата на банката, за предизвиците во периодот на пандемијата, како и улогата која што ја имаат банките во работењето со граѓаните.

Г-ѓо Миленковиќ, податоците на Народната банка покажуваат пораст на заштедите и на кредитната активност на банките, особено во делот на населението. Колку за ваквиот пораст придонесува Комерцијална банка и на што најмногу се должи овој тренд? 

Населението во нашата држава има долгогодишна традиција на штедење. Штедењето во нашата банка покажува континуиран тренд на пораст, со повисока стапка споредено со стапката на раст на ниво на банкарскиот систем, што ја потврдува довербата на штедачите во Комерцијална банка АД Скопје. Во последната година и половина, во услови на пандемија, населението во одредени периоди се воздржуваше од трошење, што дополнително влијаеше на зголемување на заштедите на граѓаните. На кредитната страна, порастот главно се должи на користењето станбени и потрошувачки кредити, кои се нудат со поволни услови. Статистиките покажуваат дека во изминатите 18 месеци станбените кредити имаат повисок раст од потрошувачките, што во овие променети услови на живеење и функционирање покажува делумна промена во навиките на граѓаните во полза на нивната склоност кон инвестиции, за сметка на друг тип потрошувачка.

 

Комерцијална банка неодамна го поднови својот визуелен идентитет, има ново лого, нов слоган и нов корпоративен спот. Мотото сега е „Полесно е заедно“. Која е целта на ваквата промена, особено од аспект на односот кон клиентите и промените во нивните навики?

Банкарството секаде во светот, па и кај нас, е строго регулирана дејност, која нам вработените во банка и на нашите клиенти ни наметнува многу барања за почитување строги формални процедури. Но, истовремено, поминувајќи ги сите тие процедури, крајниот резултат е задоволување на потребите на нашите клиенти, било да е тоа купување нов дом, нов автомобил, чување на скапоцената лична заштеда, плаќање за своите секојдневни потреби. Токму затоа, новиот визуелен идентитет на Комерцијална банка го доживувам како нов, свеж поглед кон убавите нешта што ни се случуваат заедно, но и како нов израз на нашата посветеност и разбирање на потребите на клиентите. Новиот слоган ги одразува и нашите залагања што ги применуваме во секојдневното работење во компанијата, поттикнувајќи чувство на заедништво и припадност кон нашето деловно семејство.

Се надевам дека нашите клиенти ќе ги доживеат и почувствуваат промената и пораката на сличен начин бидејќи нашето работно секојдневие е насочено кон постигнување обострано задоволство.

 

Забележливо е дека во финансиската сфера се случуваат големи и значајни промени, особено во понудата на дигитални услуги. Токму модернизираните експозитури и дигиталните зони, кои функционираат 24/7, се една од новините кои сигурно отвораат нови перспективи за банката и за нејзините клиенти. Кои се основните предности од ваквите новини, што тие им нудат на корисниците? 

Дигиталните канали и зони им овозможуваат на клиентите 24 часовна достапност на голем број банкарски услуги во безбедна и пријатна околина. Исто така, најголем дел од овие услуги се бесплатни за корисниците или се со минимални надоместоци, што овозможува задоволување на банкарските потреби со минимизирани трошоци. Дигиталните зони овозможуваат извршување на скоро сите банкарски трансакции за кои најчесто се користи шалтерска услуга, како што се уплата/исплата на готовина, менување евра во денари, плаќање режиски трошоци со картичка и слично. Овие канали, надополнети со другите современи дигитални канали, целосно го заменуваат шалтерот и овозможуваат брзо и едноставно задоволување на потребите на клиентите, пред сѐ во сферата на финансиските трансакции. Токму поради овие предности за клиентите, Комерцијална банка засилено вложува во дигитализацијата на својата мрежа и постојано воведува нови и најсовремени алатки.

 

Банката излезе и со најновата понуда на потрошувачки и станбени кредити обезбедени со животно осигурување и осигурување при неможност за отплата. Кои се предностите и поволностите на овие комбинирани финансиски производи кои сметате дека ќе ги привлечат клиентите?

Пазарот на финансиски производи и услуги е еден од најдинамичните во земјава, при што банките и останатите финансиски институции постојано развиваат нова понуда која треба на најефикасен начин да ги задоволи потребите на клиентите. Комерцијална банка континуирано ја проширува палетата на кредитни производи и услуги кои се прилагодени на потребите и можностите на клиентите. Потребата за поголема сигурност на граѓаните, која ја наметна во голем дел Covid-пандемијата, ја обезбедивме со понудата на кредитни производи поврзани со полиси за осигурување во соработка со групацијата Триглав.

Овие производи се особено популарни кај младите семејства, кои очигледно на овој начин сакаат да се заштитат во случај на немил настан, односно добиваат поголема сигурност, пред сѐ, за своето семејство. Банката понуди три кредитни производи поврзани со осигурување, и тоа: станбен кредит, кој се нуди со каматни стапки од 2,9% фиксна за првите 10 години и 3,7% променлива за понатамошниот период, потрошувачки кредит до 30.000 евра со каматна стапка за 0,2 процентни поени пониска од редовната за кредит без осигурување и пензионерскиот кредит, каде максималниот износ е зголемен на 300.000 денари доколку се вклучи животно осигурување во кредитот. Барателите на кредит сами ќе одлучат дали ќе го вклучат животното осигурување како обезбедување за кредитот, а кај потрошувачкиот кредит ќе имаат и дополнителна можност – да одберат животно осигурување или осигурување при неможност за отплата. Осигурувањето при неможност за отплата, освен покритие во случај на немил настан поради незгода, вклучува и определен надомест во случај на боледување над 30 дена или губење работа. Кај животното осигурување, освен стандардните покритија при немил настан поради незгода или болест, вклучен е и Ковид 19.

Освен овие новини, во периодот до 31.12.2021 продолжува и промотивниот период во кој потрошувачкиот кредит до 30.000 евра се нуди со рок на отплата до 120 месеци. Овој производ сѐ уште има најатрактивни услови на пазарот, а додавањето на опцијата за избор на полиса за животно или неживото осигурување со уште пониски каматни стапки дополнително ја зголемува неговата атрактивност.

 

Комерцијална банка воведе паричен депозит, односно штедење без штедна книшка. Кои се карактеристиките на овој производ и за кого е наменет?

Овој производ е наменет за сите клиенти кои своето работење сакаат да го извршуваат електронски, без хартиени документи. Имено, паричниот депозит или т.н. штедење без книшка, Банката го нуди на клиенти кои биле или ќе станат корисници на електронска банка. Потребно е клиентот само еднаш да дојде во Банката за склучување договор и потоа целокупното работење со паричниот депозит ќе може да го извршува преку Интернет банка или преку мобилната апликација мБанка, вклучувајќи орочување на дополнителни влогови, разорочувања, увид во промените на состојбата и слично.

Во основата на нашата корпоративна култура е да настојуваме заеднички со клиентите да го изнајдеме најдоброто решение за нивните финансиски прашања, вели Миленковиќ

Кои други новини може да ги очекуваат граѓаните од банките? Дали, на пример, може да очекуваат натамошен пад на каматите за кредитите или, пак, треба да стравуваат од нивно зголемување имајќи предвид дека стапката на инфлација е во пораст?

Новините кои може граѓаните да ги очекуваат од Комерцијална банка се во правец на натамошно дигитализирање на услугите со цел намалување на потребата за физичка посета на Банката, како и на иновативни кредитни производи, адаптирани на потребите на клиентите.

Во однос на каматните стапки, движењето на истите зависи од многу фактори, екстерни и интерни. Комерцијална банка ги следи и ќе ги следи макроекономските движења и показатели, проекциите и мерките на Централната банка, како и пазарните движења, и соодветно ќе се позиционира согласно истите. Најновите објави од НБРСМ упатуваат на проектирана инфлација од 3,1% во 2021 година и забавување на инфлацијата следната година, кога би се свела на 2,4%, а потоа постепено на околу 2% на среден рок. Нивото на каматните стапки во голема мера ќе зависи од остварувањето на овие проекции, како и од висината на основната каматна стапка на Народната банка.

Да се надеваме дека на светско ниво наскоро ќе се изнајде решение за кризата предизвикана од Covid-пандемијата и дека проблемите кои истата ги предизвика за брзо време ќе бидат зад нас.

 

Колку пандемијата се одрази врз работењето на банките со населението и дали придонесе за зголемување на ненаплатливите кредити?

Банкарскиот систем во нашата држава покажа високо ниво на стабилност во услови на пандемија, особено во сегментот на работа со население. Мал дел од корисниците на кредит имаа реална потреба од одложување на ануитетите, а поголемиот дел првото одложување (во март 2020 година) го искористија како мерка на претпазливост во услови на зголемена неизвесност. Нашето кредитно портфолио го задржа својот квалитет и после истекување на вториот грејс период (април 2021 година) и само мал дел од истото премина во делот на ненаплативи кредити. Тоа е уште еден показател за вниманието кое Банката го посветува кон одговорно кредитирање на граѓаните, грижа клиентите да не се презадолжуваат, како и соодветна дистрибуција на кредитниот ризик.

 

Дали зголемениот интерес за кредити носи опасност од преголемо кредитно задолжување на граѓаните. Какви совети би им дале на граѓаните околу нивните идни кредитни задолжувања?

Доколку извршиме анализа на степенот на задолженост на населението во нашата држава преку економски индикатори кои се користат во светот за оваа намена, може да заклучиме дека задолженоста на нашите граѓани е под просекот во ЕУ, но, истата е во рамки на задолженоста карактеристична за земји од нашиот регион. Согласно официјалните статистички податоци, на крајот од 2020 година, показателот за долгот на домаќинствата како процент од БДП во нашата држава е 30,4%, во Хрватска е 37,6%, Словенија – 27,8%, во Бугарија – 24,4%, а на ниво на ЕУ е 62,7%. Доколку, пак, го анализираме показателот за долгот на домаќинства како процент од расположивиот доход, во 2020 година во нашата држава истиот изнесува 41,8%, во Хрватска е 54,1%, Словенија – 42,9%, во Бугарија – 38%. На глобално ниво, овие два паказатели се повисоки во развиените земји, а пониски во земјите во развој.

Од аспект на структурата на долгот на домаќинствата кон банките, во нашата држава околу 70% од задолженоста е за финансирање на потрошувачката, додека во развиените земји доминантно задолженоста на населението е со цел купување недвижен имот. Ова е комплексно прашање на кое влијаат повеќе фактори, но, согласно наведените показатели, како и показателите за квалитетот на кредитното портфолио на населението во државата и важечките, историски гледано, најниски каматни стапки од осамостојувањето на државата (особено во сегментот на станбеното кредитирање), може да очекуваме натамошен раст на кредитирањето на физички лица. Секако, многу е важно одговорното однесување од двете страни (кредитори и кредитокорисници) со цел создавање одржлив раст без презадолжување на граѓаните. Токму во овој контекст би сакала да ги советувам граѓаните да пристапуваат плански кон задолжувањето со кредит, да одредат лични приоритети за намената на задолжувањето, да размислуваат подолгорочно за својата финансиска моќ за отплата на месечните ануитети и, секако, да побараат стручен совет за најсоодветниот кредитен производ и оптималниот степен на лична задолженост.

 

Дел од граѓаните во настојувањето што побрзо да дојдат до некои средства кои им се неопходни ги прескокнуваат банките и нивните процедури и спас бараат во други институции кои нудат брзи кредити. Колку тие финансиски институции се конкуренција за класичните банки во земјава? 

Во сферата на кредитирањето на населението, финансиските друштва не може да се вбројат во конкуренти на банките во земјава бидејќи опслужуваат различни потреби на граѓаните и различни пазарни сегменти. Согласно официјално објавените податоци, на крајот од 2020 година, 91,7% од долгот на домаќинствата е кон банките, а само 1,5% кон финансиските друштва. Банките сѐ уште се главен двигател на растот на кредитирањето на населението. Финансиските друштва повеќе се насочени кон граѓани кои веќе навлегле во сферата на презадолженост и не ги исполнуваат критериумите за задолжување во банка, што влијае на квалитетот на нивното кредитно портфолио, кое покажува многу повисок показател на кредити ненаплативи подолго од 90 дена. Веројатно потребата од покривање на повисокиот кредитен ризик е причина и за повисоката цена на кредитите кои ги нудат финансиките друштва, споредено со кредитните производи во банкарскиот сектор. Од нашето искуство забележуваме дека и млади вработени луѓе користат т.н. брзи кредити, но при првата потреба за позначајна инвестиција или консолидација на долговите се јавуваат во банка за задоволување на потребата за оптимизирање на кредитното задолжување.

Ценам дека на пазарот има простор за натамошно успешно коегзистирање на банките и на другите кредитори, а ревидираните регулаторни барања, редовната супервизија на работењето од страна на различните надлежни органи, одговорното однесување на кредиторите и кредитокорисниците ќе овозможат долгорочно стабилно кредитно портфолио на населението.

 

Како може потенцијалот кој го имаат граѓаните во банките во форма на заштеди, а кој воопшто не е мал, да се стави во функција на развој на државата, а тоа да не е купување некоја недвижност, како што најчесто се прави?

Единствен начин за користење на потенцијалот од заштедите на граѓаните преку банкарскиот систем е со кредитирање на компаниите и на населението (за инвестиции и потрошувачка). Банките, секако, се должни да вршат одговорно кредитирање со цел заштита на своите депоненти и акционери. Клучниот фактор за развој сепак останува во рацете на стопанствениците и претприемачите и зависи од бизнис-климата во државата бидејќи степенот на кредитирање од банките е условен од постоењето на издржани проекти со потенцијал за поврат на инвестицијата и отплата на кредитот. Што се однесува до улогата на Комерцијална банка, можам да кажам дека во основата на нашата корпоративна култура е да настојуваме заеднички со клиентите да го изнајдеме најдоброто решение за нивните финансиски прашања, без оглед дали се заинтересирани да ја зголемат својата заштеда или се пред значајна лична или деловна инвестиција.

 

Извор: Независен.мк