Во новата ИПАРД 3 програма, покрај досегашните дополнителните мерки има и неколку новини за полесна реализација на инвестициите во земјоделството и руралниот развој. Сега се очекува Европската комисија да ја усвои конечната верзија на програмата, а следната година да се почне со објавување на јавните повици.

Европската програма за земјоделство и рурален развој ИПАРД 3 е од 2021 до 2027 година и за нашата земја е проектирана сума од 97 милиони евра. Во неа се предвидени три нови агроеколошки мерки и тоа за органско производство, за локални акциски групи и за советодавни услуги. Последната мерка што сега се најавува е од областа на шумарството, а ќе се активира за три години.

Програмата има и неколку новини од  кои некои се одобрени од европската комисија, а за некои се уште се преговара. Една од поважните за производителите, е авансното финансирање.  Досега земјоделците прво требаа да ја реализираат  целата инвестиција па потоа платежната агенција да им исплати најмалку 50 проценти од трошоците. Со новините уште на почетокот веднаш ќе можат да побараат половина од повратот на инвестицијата.

Новина е и тоа што како корисник на ИПАРД средствата ќе може да се јават задруги, организација или група производители и правно лице формирано од повеќе индивидуални производители, здружение или асоцијација.

Со новата ИПАРД 3 Програма, се планира да се зголеми и прагот на минимална инвестиција.