Во врска со медиумските прилози за купопродажбата на недвижен имот, посебен реален дел во хотелот „Мериот“, компанијата Макотен ДООЕЛ Гевгелија, чиј единствен содружник е Новоматик од Австрија, во чија групација е и “Казино Фламинго”, денеска го изјави следното:

„Целокупната постапка за купопродажба на посочениот недвижен имот е спроведена исклучиво во согласност со позитивните законски прописи. “Новоматик” како реномирана корпорација и светски бренд кој доаѓа од земја членка на ЕУ нема никогаш да си дозволи било какви деловно – правни односи кои можат да го нарушат нашиот имиџ на компанија која секогаш работи 100 % законски. Како повеќегодишен закупец на посочениот недвижен имот менаџментот на “Макотен ДООЕЛ Гевгелија” во согласност со добрите деловни обичаи и правото на првенствен откуп во случај на продажба, одлучи да пристапи кон купување на недвижниот имот кој досега како “Казино Фламинго” го имаше во владение по основ на закуп. И оваа, како и сите наши претходни инвестиции во Северна Македонија ги сметаме како добра порака до сите други инвеститори за перспективите и стабилноста на македонската економија.

Потенцираме дека вредноста на нашите досегашни инвестиции во Северна Македонија изнесуваат 80 милиони евра и воедно амбициозно планираме нови проекти кои ќе ја движат македонската економија напред и ќе отвораат нови работни места. Ние сме дел од македонската економска гранка – игри на среќа веќе 17 години и како претставник на “Групацијата Новоматик Македонија” ќе продолжиме да имплементираме највисоки европски и светски стандарди во нашето деловно работење.

Се трудиме да ја разбереме потребата да се направи сензација, но сепак апелираме до дел од медиумите да се воздржат од евентуално ставање во негативен контекст на реномираната “Новоматик” и нејзино намерно или случајно поврзување со некакви дневно – партиски агенди или тековни правосудни постапки. Искрено се надеваме дека со ова ги разјаснуваме сите наши деловни активности околу купопродажбата на посочениот недвижен имот и сакаме да веруваме дека нема да бидеме доведени во крајна нужда за да користиме правни дејствија да го заштитиме угледот на корпорацијата која ја претставуваме во Северна Македонија.“

Инаку, од Јавното обвинителство ја потврдија информацијата што пред три дена ја објави „Фокус“ дека биле замрзнати средства во износ од 12 милиони евра, кои реномирана австриска компанија што делува во секторот со игри на среќа лани во декември, преку две различни трансакции, ги уплатила на сметка на компанијата „Дивелоп Груп“ за купување на казиното во рамки на хотел „Мериот“.

По извршените проверки обвинителството не утврди постоење на кривично дело перење пари и на 10 јануари годинава јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави Барање за укинување на замрзнување на средствата и со Решение од судот на 16 јануари истите се одмрзнати.