Неодамна налетав на годишната студија на YouGov од 2017 година околу ставот на Американците спрема социјализмот.

Анкетата донесе мешовити вести. Бројот на Американците што веруваат дека комунизмот беше и сеуште е проблем порасна за 5%, на 75%. Лошата вест е што четвртина од Американците не се сигурни или не мислат дека има нешто лошо во политички систем на база на комунизам.

Голема бројка од младиот дел од испитаниците изразиле се поголема привлеченост кон идеата за комунизам. Мнозинството од миленијалците во статистичката маса се изјасниле дека би сакале да живеат во социјалистичка земја (44%) или во строго комунистичка (14%). Само 42% претпочитале да живеат во капиталистичка нација.

Како дојде до тоа да социјализмот повторно стана атрактивна идеа за луѓето посебно за помладите?

Го користам зборот ‘повторно’ со умисла. Социјализмот станувал атрактивна опција и порано, во 1930тите во Америка, и во 1950тите. Секогаш кога капитализмот се соочува со криза или хронична болест, секогаш кога нешто закашкува во големата монетарна машина и растот забавува, одма се јавува грдото главче на социјализмот како потенцијална замена, и секогаш со истата порака – Овој пат е време, овој пат е дефинитивно време.

Зошто овој пат? И за што точно е време?

За да одговориме мора прво да образложиме што е социјализмот, и во што веруваат оние што преферираат социјализам?

Во кратки црти, социјализмот се отсликува како контрола на средствата на производство, нешто што обично се маскира како економски проблем. Што не е точно. Прашањето околу тоа кој ги контролира средствата за производство било и секогаш е – политичко прашање. Затоа немам посебна почит спрема економисти-социјалисти.

Што е во суштината на социјализмот? Уверувањето дека капитализмот е привремена, транзиторна фаза. Карл Маркс веруваше дека капитализмот и индустријализацијата е грда но неопходна фаза што ќе послужи за да едно општество создаде доволно економско благо за да после тоа социјалистите ја лансираат нивната револуција и го воведат народот во нивната Утопија.

Според Маркс, социјализмот е неминовност, сметајќи дека кога-тогаш капитализмот ќе го достигне таванот, точката од која понатаму не може повеќе да расте, својот максимум, предизвикан од неподносливата експлоатација на работникот. Значи капитализмот би пропаднал заради преголемата експлоатација, во суштина би се изедол самиот себеси. Но ова не значи дека Маркс беше против капитализмот. Како што реков, Маркс го сметаше капитализмот за неопходна фаза, но и за транзициона, привремена, само додека се создаде таа точка на максимално благо (terminal wealth) после која револуционерите би преземале, би почнале со распределба и би почнал процесот на Утопија.

Овде се јавуваат два моменти што неможам да ги сварам.

Првиот е концептот за терминално/крајно богатство. Маркс тврди дека има крајна точка на човековата инвентивност, на човековата способност за креација, на човечката генијалност. Зошто тогаш човекот застана кога ја осмисли парната машина? Или пеницилинот? Или првиот авион? Секој од овој изум реши полно човечки проблеми и страдања. Зошто не запре кај било кој нив?

Вториот момент е концептот за транзиција кон Утопија, работнички рај. Овој процес би требало да биде менаџиран, како и секој друг. Значи би било потребно владеачка класа, железна рака, некој што би го водел. Колку би траела таа транзиција од капитализам кон Утопија? Една година? Две години? Десет години? Зошто мислиме дека таа владеачка класа што сме ја ставиле надлежна да го реализира тој процес туку-така би се откажала од огромната моќ во своите раце? Која е гаранцијата дека ќе го сторат тоа, дека доброволно ќе се симнат од престолот и ќе зачекорат меѓу работниците, меѓу обичните луѓе? Која е гаранцијата дека кога-тогаш ќе речат ете ова е крајот, стигнавме на дестинацијата, сега се откажуваме од позициите на моќ?

Ова се два моменти што мене лично ми создаваат репулзивност спрема социјалистичкиот модел на уредување. Тезата дека железната елита надлежна за социјалистичката транзиција доброволно ќе се симне од позицијата на моќ. Тезата дека има горна граница на човековата инвентивност.

Зошто тогаш имаме преференција кон социјализам? Зарем не ја знаеме историјата? Зарем не знаеме дека социјалистичкиот експеримент пропадна во Русија и секаде кадешто беше пробан?

Тука се враќаме кон преференциите на младите за социјализам. Барем во Америка, овие преференции (сеуште) не се зацементирани а тоа е добро. Кај нас во Македонија е можеби малку поинаку. Се формираат Црвени младини. За една цела маса на млади луѓе во цутот на својот креативен потенцијал, социјализмот изгледа како атрактивна опција.

И се напаѓа концептот на профит секаде кадешто ќе стигнеме. Профитот е лош. Пред некој ден излезе излезе истражувачка сторија на ИРЛ за лошиот мазут што бил користен и горен на територијата на Македонија. Се беше убаво се до моментот кога авторите се нафрлија на концептот на профит. Зошто им требаше тоа? Дали знаат што зборуваат? Да, сите сме против клептократијата. Против корупцијата. Каква врска има капиталистичкиот концепт на профит во сево ова? Нападни ја клептократијата, не го напаѓај капитализмот. Сите знаеме што е алтернативната верзија на профит – централната планска економија што ја воведе Ленин во 1921 година во Русија. Повеќето знаеме како се одигра овој филм. Но дали Црвените млади знаат?

Маркс, доколку беше жив во тоа време никако немаше да одобри Револуција во Русија едноставно поради тоа што неговата теза беше јасна – Револуцијата треба прво да се случи во капиталистичките нации што веќе имаат создадено доволно економско благо. Маркс никогаш не би одобрил социјалистичка револуција, транзиција кон социјализам, во недоволно развиени општества. Зошто тогаш не учиме од историјата? Какво благо ќе распределуваат Црвените млади во таа нивна Утопија, она на грст луѓе што успеале да заработуваат 1,500 евра месечно? Зошто инсистираме на социјализам како атрактивна опција во сеуште неразвиена, аграрна земја како нашата?

Заради нееднаквоста, ќе рече модерниот социјалист. За овие што не ја студираат историјата ова ќе изгледа како уникатно сценарио. Ова е времето. Дојде време да револуционерот преземе. Погледни го капитализмот. Погледни ја сета таа нееднаквост во општеството, богатите стануваат побогати, сиромашните посиромашни. Тука е горната граница на капитализмот, нееднаквоста е сигналот дека времето за Револуција дојде.

За оние што ја студираат економската историја, ова е веќе видено. Секогаш кога капитализмот се сопнува и економскиот раст што продуцира работни места забавува, социјализмот избива како атрактивна опција. И во 1930-тите се сметаше дека е крајот на капитализмот. И во 1945-тите се сметаше дека е крајот на капитализмот, дека дојде време за Револуцијата.

Дали во овие две минати инстанци беше крајот на капитализмот? Ете нé тука денес. Зошто да овој пат сега би бил крајот на капитализмот. Не беше претходните два пати – зошто би морал да биде сега?

Не постои горна граница на човечката инвентивност. После четири века прогрес треба да застанеме и да речеме – ете, дојде крајот? Како да не. Да, капитализмот е нестабилен, непредвидлив, нелинеарен, и честопати станува заглавен во лавиринтите на бирократски идиоти. Но сеуште е подобрата шанса за прогрес за обичниот човек. Не најдобрата, но далеку подобрата во однос на алтернативата. Посебно во земји како нашата во која капитализмот и инвентивноста сеуште немаат добиено фер шанса, сеуште задушен од социјалистички, клептократски структури.

 

Пишува: Блаже Аризанов