Крајниот рок за аплицирање на овие јавни повици е до 30.6.2023 година, а линковите за аплицирање може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија

Занаетчиите, микро, мали и средни компании, како и оние претпријатија кои се во сопственост на жени и управувани од жени, имаат можност да аплицираат на трите јавни повици за субвенции кои ги објави Министерството за економија.

Со јавниот повик за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија, како што информираат од Министерството за економија, ќе се кофинансираат 40 проценти од докажаните трошоци направени за набавка на машини, но не повеќе од 250 000 денари по барател. За оваа мерка, според информациите од Економија, предвидени се средства во вкупен износ од 43 милиони денари.

Занаетчиите, исто така, може да аплицираат на јавен повик во кој ќе се субвенционираат докажаните трошоци за набавка на машини настанати во 2022 и 2023 година.

„Со јавниот повик за субвенционирање на занаетчии ќе се кофинансираат 40 проценти од докажаните трошоци направени за набавка на машини и алати, но не повеќе од 100 000 денари по барател. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од пет милиони денари“,

се вели во соопштението од Министерството за економија.

Јавен повик е објавен и за субвенционирање на женско претприемништво за дигитализација на деловни процеси.

Во овој повик ќе се субвенционираат претпријатија во кои над 50 проценти се сопственост на жени и се управувани од жени, а кои вработуваат најмалку две лица односно сопственичката на претпријатието и еден вработен.

„Со овој повик ќе се кофинансираат 40 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 100 000 денари по барател. Трошоците треба да се направени за развој или набавка на дигитални решенија и технологии со цел дигитална трансформација на деловните процеси или производството и имплементација, адаптација и интеграција на дигитални решенија и технологии“,

се појаснува во соопштението од Министерството за економија.

За оваа мерка, се додава во соопштението, предвидени се средства во вкупен износ од два милиони денари, а ќе се субвенционираат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2022 и 2023 година.

Крајниот рок за аплицирање по овие јавни повици е до 30.06.2023 година, а линковите за аплицирање може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија.