Најновиот пакет на антикризни мерки во износ од 400 милиони евра е дел од вкупната сума од околу 615 милиони евра вредни мерки, кои досега Владата ги донесе и имплементираше, со цел олеснување на ценовните притисоци од енергетската криза и растот на храната на светските берзи. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својата колумна, посочува дека Владата уште од минатата година ги следи ценовните притисоци и носи мерки со кои се делува на одржување на цените на пониско ниво од пазарното.

Бесими посочува дека во сумата од 615 милиони евра, влегуваат и фискалниот ефект од намалениот ДДВ за струја од јули минатата година, како и субвенциите за струјата и топлинската енергија, со цел задржување на цената на пониско ниво од пазарното.

– Оваа сума е блиску до сумата која Хрватите ја предвидуваат за справување со ценовните притисоци, или околу 635 милиони евра. За споредба, Грција предвидува 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра итн. – посочува Бесими.