Нобеловецот Џозеф Штиглиц, професор на Универзитетот Колумбија и поранешен главен економист на Светската банка застана во одбрана на актуелната шефица на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, која се соочува со обвинувања дека влијаела врз резултатите во извештајот Дуинг бизнис на СБ, кога била на функција во таа институција.

Кристалина Георгиева, директор на ММФ од 2019 година, е смел лидер во соочувањето со економските последици од пандемијата, како и во позиционирањето на Фондот како глобален пионер за климатските промени. Напорите што сега се во тек да се отстрани не се само неправедни, туку можат да го попречат управувањето со Фондот во наредните години“, пишува Штиглиц во колумна за „Проџект синдикејт“ под индикативен наслов „Обид за пуч во ММФ“.

„Ова е истата Георгиева, чиј одличен одговор на пандемијата брзо обезбеди средства за одржување на земјите во живот и за справување со здравствената криза, и која успешно се залагаше за издавање ‘пари’ на ММФ во износ од 650 милијарди долари (специјални права за влечење, или СПВ), толку суштинско значење за закрепнување на земјите со низок и среден приход“, вели Штиглиц во колумната додавајќи дека Георгиева го позиционираше Фондот да преземе глобална лидерска улога во одговорот на егзистенцијалната криза на климатските промени.
„За сите овие акции, на Георгиева треба да и се ракоплеска. Значи, што е проблемот? И кој стои зад напорите да ја дискредитира и собори?“, пишува Штиглиц.

За Штиглиц, „еден позитивен исход од епизодата може да биде прекинување на индексот“. Вели дека пред четврт век, кога беше главен економист на Светска банка, извештајот „Дуинг бизнис“ бил објавен од страна на Меѓународната финансиска корпорација, посебен дел на СБ и дека тогаш сметал дека станува збор за „ужасен производ“.

„Земјите добија добар рејтинг за ниските корпоративни даноци и лабавите работни прописи. Бројките беа секогаш слаби, мали промени во податоците имаа потенцијално големи ефекти врз рангирањето. Земјите беа неизбежно вознемирени кога навидум произволните одлуки ги натераа да паднат на ранг -листата“, вели Штиглиц.

Случајот излезе на површина откако Светска банка нарача од адвокатската фирма Вилмер Хејл извештај во врска со годишниот индекс на Банката „Дуинг бизнис“, кој ги рангира земјите според условите за водење бизнис кој се темели главно на оцена на постојната регулатива.

Како што вели Штиглиц, извештајот содржи наводи – или поточно ‘навестувања’ – за неправилности што ги вклучуваат Кина, Саудиска Арабија и Азербејџан во индексите за 2018 и 2020 година.

Георгиева беше на удар за индексот 2018, во кој Кина беше рангирана на 78 место, иста позиција како и претходната година. Но, постои инсинуација дека требаше да биде подолу и беше оставена како дел од договорот за обезбедување кинеска поддршка за зголемување на капиталот што Банката тогаш го бараше. Георгиева во тоа време беше извршен директор на Светска банка.

Штиглиц вели дека откако го прочитал извештајот на Вилмер Хејл, разговарал директно со вклучените клучни луѓе и познавајќи го целиот процес, му се чини дека истрагата е „hatchet job“ (жесток напад врз некого повредувајќи му ја репутацијата).

„Всушност, Георгиева дејствуваше на целосно професионален начин, правејќи го токму она што јас го правев (и повремено морав да го правам кога бев главен економист): поттикнете ги оние што работат да бидат сигурни дека нивната бројка е точна или што е можно попрецизна, со оглед на вродените ограничувања на податоците“, вели Штиглиц, заклучувајќи дека политичката интрига и бирократското ривалство се последните работи што му се потребни на светот во време кога пандемијата и нејзините економски последици оставија многу земји да се соочат со должнички кризи.

„Сега повеќе од кога било, на светот му е потребна стабилната рака на Георгиева во ММФ“, вели познатиот нобеловец по економија.

Инаку, Георгиева деновиве се најде под жесток притисок во јавноста, но и во влијателните медиуми. Така, лондонски „Економист“ ја повика директорката на ММФ да се повлече од функцијата поради нејзината улога во скандалот со манипулации со податоци поврзани со Кина, додека таа се уште беше во Светска банка. Според влијателниот неделник, тој скандал го поткопал влијанието на ММФ.

„Шефот на ММФ мора да биде непристрасен, додека двајца од неговите најголеми акционери, САД и Кина, се во спротивност едни со други во новата ера на геополитичко ривалство“, пишува Економист во редакциски коментар.

Вчера, пак, Блумберг објави дека американската министерка за финансии Џенет Јелен одбила да одговори на повиците на Георгиева. Пред скандалот, како што велат извори за Блумберг, Георгиева имала лесен пристап до Јелен, бидејќи американското Министерство за финансии управува со односите на Вашингтон со ММФ. Двете порано имале редовни разговори и работеле на различни иницијативи. Соединетите држави се најголемиот акционер и во ММФ и во Светската банка.

Магазинот „Банкер“ пишува дека обвиненијата против Георгиева во моментов се испитуваат од двете институции – Министерството за финансии на САД и Етичкиот комитет на ММФ.

Скандалот околу Кристалина Георгиева се разгорува во пресрет на годишните состаноци на ММФ и Светската банка, кои се одржуваат од 11 до 17 октомври. Двете институции со седиште во Вашингтон ги собираат министрите за финансии и централните банкари од целиот свет.