nafta 1Цената на нафтата на меѓународните пазари се задржа под нивото од 45 долари, под притисок од страна на порастот на залихите во САД и рекордните складирани количини на сурова нафта и рафинирани производи во целиот свет.

На лондонскиот пазар цената на нафтата се зголеми за 40 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 44,46 $. На американскиот пазар се тргуваше по речиси непроменета цена од 42,80 $. Во четвртокот цените на нафтата се намалија за речиси три проценти под притисок на остриот скок на залихите во САД минатата недела, за 4,2 милиони барели.

На тој податок се надоврза редовниот месечен извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), кој покажа дека во целиот свет се складирани рекордни количини на нафта и нафтени деривати.

“Моментално се предвидува блага зима во Европа и во САД. Доколку оваа прогноза стане реалност, зголемените залихи ќе го зголемат притисокот на пазарот”, толкуваат од ИЕА.

Пазарите на сурова нафта се притиснати од преголемата понуда. Се проценува дека дневно се произведуваат помеѓу 700 илјади и 2,5 милиони барели повеќе отколку што е потребно, што резултира со паѓање на цените за речиси две третини од јуни 2014 година.

Заситеноста е резултат на високото ниво на производство кај повеќето големи производители, вклучувајќи ги и членките Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Русија, САД и Канада.

На страната на побарувачката загрижуваат можните негативни влијанија од економската криза во Азија, предводена од Кина и Јапонија, иако досега нема знаци за таков тренд.

“Во целина расположението е песимистичко”, констатира аналитичарот на PVM Tamas Varga. “Јас не гледам ништо што долгорочно би ги поддржале цените”, додаде тој.