ДПИ најавува големи казни за трговците кои нема да ги намалат цените на основните производи. Веднаш по стапувањето на сила на владините одлуки за намалување и замрзнување на цените на млечните производи и тестенините, поточно од 16 март, инспекторите ќе излезат на терен. Казните за непочитување на одлуките се движат од 800 до 10 илјади евра, зависно од големината и типот на економскиот оператор.

„Одлуките се донесени во интерес на граѓаните и нивните потреби и ќе стапат во сила на 16 март 2023 година. Ова е доволен временски период за трговците да ги прилагодат цените. Апелираме да се почитуваат Одлуките, затоа што во спротивно, без селекција, ќе следат казни, кои според Законот за трговија се исклучително високи! Исто така, апелираме, доколку граѓаните забележат било какви неправилности кои се поврзани со цените на производите веднаш да пријават во Државниот пазарен инспкеторат!“, велат од ДПИ.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред неколку дена во ТВ21 рече дека намалувањето и замрзнувањето на цените е противодговор кон економските оператори кои не го почитувале џентлменскиот договор со владата, кои иако зеле субвенции за електрична енергија не ја намалиле цената на основните производи. Битиќи рече дека ќе се фокусираат и на други основни производи чии цени се покачени на вештачки начин и најави дополнителни мерки доколку трговците не ги намалат цените.

Инаку производителите на млеко и млечни производи за една недела треба да ги намалат цените за 10% а млечните производи за 15%. Така, макароните од 50 ќе се намалат на 43 денари, додека млекото од 78 на 70 денари. Министерот за економија, Крешник Бектеши најави замрзнување на цените и за други прехранбени производи, како јајцата, шеќерот и оризот.