На шалтерите на националната Пошта ќе работи Халкбанк АД Скопје. Владата на последната седница даде согласност за прифаќање на конечната понуда на оваа банка за склучување на Договор за соработка со АД „Пошта на Северна Македонија“.

Според тој договор Халкбанк ќе почне со платен промет на шалтерите на Пошта во рок од два месеца, значи некаде од февруари наредната година, а од остварениот заеднички приход на сметката на Пошта ќе легнува 71 процент.

-Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија во својство на Собрание на акционери на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје, ја прифати како најповолна понудата на Халкбанк АД Скопје согласно двата усвоени критериуми за евалуација на понудата, и тоа во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од 2 месеци, како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71% за „Пошта на Северна Македонија“ со 29% за Халкбанк АД Скопје, информираат од Влада..

Исто така, поради лошата финансиска состојба во која се најде поради пандемијата и прекинот на договорот со Еуростандард банка, од годинешниот буџет Пошта ќе добие средства исклучиво наменети за исплата на платите на вработените.