Владиниот план за партнерска поддршка на иновативниот и претприемачки дух е чекор напред во развој на бизнисот. Но за видливи ефекти експертите сугерираат и поголем фокус на технолошкиот развој, пишува Дојче веле.

Македонската влада оди чекор напред во поддршката на претприемништвото. Преку новиот план за економски раст предвидува серија мерки со кои сака партнерски да го поддржува иновативниот и претприемачки дух. Само годинава се планираат над 10 милиони евра наменети за поддршка, односно поврат на инвестициите. Средствата ќе бидат наменети за микро, мали и средни претпријатија. За првпат, по примерот на Израел, државата ќе ги поддржи и т.н. ризични компании со што ќе стане нивен партнер и ќе учествува во нивната сопственост до 25%. На овој начин владата им подава рака пред сѐ на младите и амбициозни кадри:

„Ги повикувам сите, а посебно младите, да ја препознаат оваа програма и силно да инвестираат. Да останат во нашата држава и да покажат капацитет на претприемништво, а државата ќе им биде партнер и ќе ги помогне со целиот свој капацитет“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Што е иновативно?

Развојот на домашното стопанство и отворањето на нови компании е клучен предизвик за македонската економија. Претходната влада, на овој план потроши повеќе милиони евра, но без позначајни резултати. Новиот пристап на сегашната влада, според дел од експертите, дава нова надеж:

„Ваквите фондови за основен капитал во суштина не се лоша мерка и се прифатливи. Во светот постои такво финасирање и тоа е пожелно. Пред две децении имавме еден сличен проект со СЕАФ фондот, кој мора да признаеме дека не заживеа најдобро, бидејќи тој беше поставен повеќе да ги финансира големите претпријатија. Ние некако сме исплашени од партнерства, но тоа е погрешно. Факт е дека партнерството функционира, а на малите најмногу им треба некој да им помогне. Акционерството е најдобро, но прашање е како ќе се делат средствата и за кои намени. Оти кај нас често се греши околу терминот иновативно претпријатие, а прашање е што е иновативно. Во секој случај, станува збор за добра и пожелна идеја“, смета универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

Во целиот процес, според Зарезанкова Потевска, многу е важно да се оди на стратегија на мултиплицирање на ефектот, односно да се избегнуваат грантовите или донациите, нешто што досега доминираше како поддршка:

„Во овој фонд државата се јавува како сопственик, таа дава пари и добива удел кој подоцна може да го продаде на компанијата и да си ги поврати парите. Тие се викаат фондови за ризичен капитал во смисла на иновации, кога може да се добие, но некогаш и да се загуби. Но она што е клучно во целиот процес се капацитетите, посебно ако се има предвид колку малку средства се одвојуваат за технолошки развој. На пример, Европската Унија за оваа намена одвојува 3% од БДП, а кај нас само 0,02% што е премалку. И сега, кога вие немате средства за технолошки развој, прашање е како и колку тие претпријатија можат да бидат иновативни. Затоа мора да се обезбеди одржливост на изворите на фондовите, пред сѐ тие да бидат домашни“, сугерира Зарезанкова Потевска.

На хартија – супер!

Каде и колку има капацитети за развој на бизнисот државата ќе оценува согласно утврдените критериуми и проценка на стручни тимови. За дел од експертите, овој процес ќе биде и главен предизвик од кој ќе зависи и успешноста на проектот:

„Оваа идеја на хартија изгледа супер, но во реалноста ќе биде проблематична за остварување. Првата дилема е кој ќе ги делегира средствата, со каков капацитет, од која политичка партија, какви ќе бидат правата и обврските. Да, државата ќе има 25% удел во фирмата, но во таков случај се влегува во однос на права и обврски. Мешање и сугерирање од типот зошто таму, зошто ваму, па вака, па онака. Да била државата добар газда нема јавните претпријатија или фирмите со нејзин капитал да работат со загуба. Затоа, не верувам дека ќе има некој успех, иако вака на прва изгледа добро“, смета Синиша Пекевски, консултант за претприемништво.

Според Пекевски, освен финансиите, во целиот пристап е многу значаен и човечкиот фактор, односно квалитетот на кадрите што досега не беше најсилна страна:

„Треба повеќе средства, но и повеќе мониторинг за некои бизниси да почнат вистински да функционираат. Недостига моментот на бизнис-менторинг од вистински, стручни и компетентни лица во тој момент. Како се трошат тие пари, што се набавува, дали и каква додадена вредност носат тие бизниси. Воопшто, досегашните мерки беа добри, но страшно лоши во делот на имплементирањето. Се наметнуваат еден куп бариери, наместо да се олесни пристапот. Ако се фокусираме на Фондот за иновации, треба да се стимулираат поголем број на проекти во текот на годината“, коментира Пекевски.

Не е само Скопје

Иновациите и технолошкиот развој на компаниите се суштина на економските политики на Владата. За директна поддршка на малите и ризични иновативни бизнис обезбедени се 50 милиони денари, а дополнително се предвидуваат уште 400 милиони неискористени средства, за што е во тек и постапка во владата за нивна реалокација. Дел од мерките за поддршка се и 30% поврат на средства за изградба на хали и набавка на опрема за брзорастечките компании, или т. н. газели. Дополнително и покривање на 70% од трошоците за развој на нов производ.

Планирана е и поддршка за стручно усовршување за нововработените лица. Вкупно, поддршката годинава ќе изнесува 10,5 милиони евра и таа ќе се доделува преку три јавни повици. Експертската јавност смета дека во целиот процес треба да се обрне внимание и на локалниот економски развој, каде состојбите се драстично полоши. Фокусот да не биде само на Скопје, туку да се заинтересираат и локалните заедници од внатрешноста.