Одгледувањето лешници е профитабилен бизнис со оглед на големата побарувачка и на високата цена на лешникот. Од овој бизнис може добро да се живее, само потребни се многу работа, љубов и посветеност, вели нашиот соговорник Пере Транталовски од Ресенско, кому повеќе од 10 години ова му е основен приход за егзистенција. Првите насади со лешник ги подигнал во 2011 година, во селата Евла и Горно Дупени, Ресенско, и секоја година ги обновува и ги проширува. Денес има 12 хектари со лешници и произведува разни производи од нив: путер, ладно цедено масло…

– Почнавме да одгледуваме лешници со цел да им понудиме на нашите потрошувачи квалитетен, свеж и поароматичен лешник. На нашиот пазар нема домашен лешник, целиот е увезен од Турција и тоа е стар лешник и со послаб квалитет. Ние имавме слободно земјиште на располагање, но не ни беше доволно за да насадиме лешници и зедовме дел под концесија од државата. На почетокот беше тешко, бидејќи земјиштето не беше подготвено, требаше да се постави систем за наводнување, да се огради, да се набават садници… На почеток, насадивме четири хектари и почетната инвестиција нè чинеше околу 30 илјади евра – вели Транталовски.

 

На својата нива, тој ги има сите автохтони сорти што се одгледуваа во поранешна Југославија: халски, истарски, римски, ламберт и др.

– Она што треба да се знае е дека лешниците се долгорочна инвестиција, односно првите три-четири години не раѓаат, само се потребни обработка и прихрана на земјиштето. Нашето производство е органско и не користиме хемиски препарати. Поради тоа, потешка е обработката на почвата, која во секое време треба да биде чиста, бидејќи лешниците се собираат од земја – појаснува Транталовски.

Бизнисот со лешници започнува по четвртата година, кога ќе започне со род, а по седмата година, лешникот започнува со својата максимална родност, така што на некои стебла може да достигне и по 25 килограми од стебло, што е одлична заработка. Лешниковите насади може да се експлоатираат во наредните 70-80 години без никаков проблем.

– По четвртата година, има помал приход, а од седмата до 10 година, кога почнуваат да влегуваат во полн род, приходот се зголемува. Лешникот е долгорочна инвестиција, а родот зависи од климатските услови. Така, минатата година климатските услови беа добри и имавме принос од два тона од хектар – додава нашиот соговорник.

Кога ги насадил лешниците, цената на берзите била повисока и се движела околу пет евра во лушпа, а последниве години е намалена и се движи околу 2,5 евра. Моментално го продава лешникот по 700 денари за килограм во јатка. Продажбата оди добро, а освен од дома, на познати и на пазар, ги продава производите и преку Интернет. Големо влијание врз зголемувањето на продажбата имаат и промоцијата и настапот на разни саеми за земјоделство.

– Ние почнавме да правиме и преработки од лешник за да ја зголемиме вредноста на производот. Моментално во понудата имаме три вида лешници: печен солен, печен несолен и бел лешник. Исто така, произведуваме и путер од лешник (фино мелен и грубо мелен) и ладно цедено масло од лешник. Путерот го продаваме по 700 денари тегла од 720 милилитри, а ладно цеденото масло по 2.500 денари од литар – вели тој и додава дека има поголема заработка со производството на производи од лешник.

И покрај тоа што има многу работа во одгледувањето на лешниците, а особено во преработките и оти инвестициите во машини се големи, сепак, вели дека има заработка и може добро да се живее од овој бизнис. Тој и целото негово шестчлено семејство се вклучени во производството и во преработката на лешниците и ова им е единствената егзистенција.

– Пари моментално има. Во одгледувањето лешници, вклучено е целото семејство. Со приходите што ги остварувам од продажбата на лешници и на преработките, живеам нормален живот и школувам четири деца – вели Транталовски.

Тој им порачува на младите наместо да чекаат некој да ги вработи, сами да започнат некој бизнис, а доколку имаат земјиште, може да насадат долгогодишни насади од кои ќе бидат финансиски задоволни.

(А.С.)