Педесетина компании во Македонија својот производствен процес го базираат на гас, а најголем корисник меѓу нив е „Алкалоид“, но на гас се и неколку од најголемите пекарници во државава. Од гасот зависи и голем дел од домашното производство на струја, како и речиси целото производство на топлинска енергија. Корисниците на гасот оценуваат дека од Русија стигнуваат смирувачки тонови во однос на снабдувањето и не очекуваат прекин на испораката.

Компанијата за производство на електрична енергија и топлина „ТЕ-ТО“, во која има и руски капитал, е многу значајна за нашиот енергетски систем, таа произведува струја колку еден блок на РЕК „Битола“ и ја испорачува речиси целата топлинска енергија. Во однос на производството на струја, технолошкиот процес е таков што таа може да се произведе само од гас. Директорот на „ТЕ-ТО“ Димитар Кочовски вели дека засега снабдувањето со гас е стабилно, но и дека изјавите што доаѓаат од Русија и од Европа се оптимистички.

– Врз основа на вчерашните изјави, оптимист сум дека и понатаму ќе имаме редовно снабдување со гас. Цените се друго прашање. Нашиот договор се базира на месечни фјучерси на австриската берза. Ситуацијата е многу лоша, но ние остануваме доследни на договорот со Владата. Така, досега ние ја субвенциониравме државата со 45 милиони евра. „ТЕ-ТО“ произведува струја со целиот свој капацитет и ја помага домашната економија. Струјата ја продаваме во земјава по 190 евра за мегават-час, а можеме да ја продадеме и по 500 евра. Исто е и за топлинската енергија. Ја продаваме по 35 евра за мегават-час, а производна цена ни е 105 евра. Од Владата поддршката е во вид на заем од 5,5 милиони евра. Така, во моментов работиме со загуба – изјави Кочовски за „Слободен печат“.

Топлинската енергија, пак, можно е да се произведува и од мазут и од „БЕГ“ велат дека се покриени со договор за набавка.

– Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ како регулиран производител на топлинска енергија има склучено рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво, според обврската пропишана во Законот за енергетика. Според Законот, регулираниот производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина што е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет- велат од БЕГ.

И претседателот на Македонско-руската стопанска комора не очекува во државава да запре рускиот гас. Според неговите очекувања, тоа нема да бидат руските противсанкции, но можно е Русите да ја спуштат рампата за увоз на производи од нашата земја. Ова, на пример, би значело дека „Алкалоид“ ќе добие гас за своето производство, но нема да може да ги извезува своите лекови во Руската Федерација.