Оперативниот план за вработување за 2026 година стана активен откако доби одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата. За неговата реализација се обезбедени 40 милиони евра, а средствата од помалку атрактивните мерки се пренасочени кон програмите за самовработување и вработување на невработени лица.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше дека годинава се воведуваат новини со кои се проширува опфатот на корисници и се зголемува поддршката за одредени категории граѓани.
„Грантовите за лица за отворање на сопствен бизнис до 29 години изнесуваат до 10.000 евра, додека за лица над 29 години поддршката е до 7.000 евра. Доколку две лица се здружат во друштво со ограничена одговорност, помошта може да достигне до 20.000 евра за млади до 29 години“, изјави Ристески.
Тој додаде дека за првпат со мерките се опфатени и младите повратници од странство, кои ќе имаат право на дополнителни 10 проценти од износот на грантот.
„Доколку станува збор за лице до 29 години кое се враќа од странство, наместо 10.000 евра ќе може да добие 11.000 евра поддршка за започнување сопствен бизнис“, појасни Ристески.
Новина во програмата е и тоа што во најатрактивните мерки ќе можат да аплицираат само лица со завршено најмалку средно образование.
Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките од Оперативниот план годинава да се вработат меѓу 5.500 и 6.000 лица. Јавниот повик за аплицирање ќе биде објавен следната недела.