20 земји имаат 78,23% од светските резерви на злато, а вкупно 33 земји имаат повеќе од 100 тони од овој благороден метал.

Последните податоци од Светскиот совет за злато се од февруари, но се однесуваат на декември 2017-та година, бидејќи некои од земјите ги објавија своите најнови купувања на локалните и меѓународните пазари.

Само во последните 12 месеци Русија купи рекордни 223,5 тони злато. Ова е трета година по ред во која земјата ги зголеми своите резерви за над 200 тони.

За периодот 2008-2017 година, Русија има купено 1.388 тони злато, па сега веќе поседува 1.839 тони. Ова ја става на шестата позиција меѓу земјите со најголемите резерви во светот.

Само на 3.8 тони пред Русија се наоѓа Кина, а првите четири места се окупирани од Франција, Италија, Германија и САД.

Интересно е да се истакне дека количината злато што САД го поседува (8.133 тони), е речиси колку на следните три земји во рангирањето.

Единствената друга земја со повеќе од 1.000 тони злато е Швајцарија (1.040 тони). Во Топ 10 се рангирани Јапонија, Холандија и Турција.

Имено, Турција има најсилен раст во своите резерви по Русија, па лани земјата ги зголеми резервите на злато за 187,7 тони.

Големи купувања во изминатата година беа забележани и од Казахстан (42.9 тони). Земјата, која ја зазема 16-тата позиција во рангирањето, купи повеќе од 109 тони злато во последните три години и 233.6 тони во периодот од 2011-та до 2017-та година.

Во топ 20 се наоѓаат уште Индија, Тајван, Португалија, Саудиска Арабија, Велика Британија, Казахстан, Либан, Шпанија, Австрија и Белгија.