По четири месеци пауза од утре извршителите ќе можат повторно да блокираат сметки на граѓани.

Нивната работа беше стопирана откако Владата на 25 март донесе Уредба со која беа запрени извршните дејствија. Со првата верзија на уредбата извршувањето требаше да продолжи на 1 јули, но поради вонредната состојба рокот се помести.

Претседателот на Комората за извршители за Канал 5 вели дека четиримесечната стагнација донела големи проблеми во нивното работење.

„Извршителите поминаа еден многу тежок период во кој се соочија со неможност за исплаќање на своите трошоци од причина што многу од вработените си заминаа. Приливот на средствата беше толку мал што многу извршители се соочуваат со егзистенцијални проблеми како професии. Од утре ќе треба да бараме повеќе луѓе за ангажман затоа што доверителите имаат право да си ги наплатат своите побарувања.“, вели – Зоран Димов, претседател на Комора на извршители .

Марјан Ристески од иницијативата „Стоп за извршители“ вели дека чекаат да се состави новата влада за да ги решат проблемите кои преостанале. Еден од нив е и давачката за затезна камата која, според него, сега ќе биде наплатена со поголема сума бидејќи растела додека немало извршувања.

„Мора да се најде решение за затезна камата, поготово од Македонска банка која веќе десет години не работи и одеднаш на илјадници граѓани им се пуштени долгови со затезни камати и тоа во една ваква состојба ќе биде неиздржливо. Факт е дека граѓаните во овие четири месеци беа ослободени од тоа меѓутоа еве апелирам до претседателот на комората да не помислуваат да наплаќаат нешто што не треба да се наплати,“ изјави Марјан Ристески, „Стоп за извршители“.

Според проценките на иницијативата, околу 200.000 граѓани во земјава се на тапет на извршителите.