Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја зголеми прогнозата за глобалната економија за годинава, предвидувајќи раст од 2,9 отсто.

За еврозоната, ОЕЦД предвидува раст од еден отсто, додека за Германија, најголемата европска економија, раст од 1,1 отсто, што е за 0,4 процентни поени повеќе од претходната процена.

За следната година, сепак, прогнозата за глобалниот раст е намалена на три отсто, а за еврозоната останува на еден отсто.

И покрај последиците од конфликтот на Блискиот Исток, економскиот раст во првата половина од годината останал силен во многу земји. ОЕЦД наведува дека големите резерви на нафта, снабдувањето од извори надвор од земјите од Заливот и владините мерки за поддршка го ублажиле влијанието.

Сепак, економските изгледи остануваат неизвесни. Нови нарушувања на пазарот на енергенси, царините и извозните ограничувања би можеле да го забават растот, додека стабилизирањето на енергетските пазари би можело да го намали инфлаторниот притисок и да ја поттикне економската активност.

ОЕЦД предупредува и за ризици од екстремни временски услови, повисоки цени на храната, како и можност инвестициите во вештачката интелигенција да не ги дадат очекуваните резултати.