Македонија има најповолна бизнис клима во регионот, а во однос на другите земји има помалку фискални ризици, ги пренесува Министерството за финансии главните поенти за земјава во извештајот на ОЕЦД за Западен Балкан насловен „Government at a glance: Western Balkans 2020”.

Во извештајот, како што стои во соопштението, се нотира дека земјава е регионален лидер во обезбедување поволна бизнис клима и има подобри резултати во однос на  просекот на земјите од ОЕЦД и од просекот на земјите на ОЕЦД кои членки на ЕУ.

Исто така, се наведува дека од сите земји од Западен Балкан многу поретко се вклучуваат во дијалог со приватниот сектор, со исклучок на Македонија, која одржува дијалози на редовна основа.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, денеска учествуваше на онлајн промоцијата на извештајот, кој се изработува првпат од ОЕЦД и содржи над 40 индикатори кои се однесуваат на јавна администрација, јавни финансии, буџетски пракси и процедури, јавни набавки, дигитална влада итн.

Ангеловска рече дека земјата ја дочека кризата со здрав финансиски систем и стабилизиран државен долг, понизок за околу 10 процентни поени во однос на просекот на земјите од регионот како и дека покрај кризата, се работи на реформите согласно Стратегијата за реформи во јавните финансии. Според неа, мерките за справувањето со ковид-19 кризата се дизајнирале многу внимателно, таргетирано и со јасни цели и очекувани ефекти за да го дадат максималниот ефект со ограничените ресурси, водејќи сметка за фискалниот простор.

„Дизјаниравме три обемни пакети антикризни мерки кои вклучуваат даночни олеснувања, субвенции на плати, ваучери и платежни картички кои ја поддржуваат приватната потрошувачка, финансиска поддршка за инвестициите и конкуретноста итн..Овие мерки играа значајна улога во справувањето со кризата, а повторно успеавме да задржиме фискален простор доколку треба за дополнителни интервенции“, рече Ангеловска.

Таа истакна дека во меѓувреме Министерството за финансии има значаен прогрес во зајакнување на транспареноста преку новите алатки што беа објавени во изминатиот период, како и во подготовката на новиот закон за буџети и техничката спецификација на интегрираниот систем на управување со јавни финансии кој ќе воведе целосно реформирање и модернизирање на процесите во управувањето со јавните финансии.

На презентацијата учествуваше и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, како и министри за финансии од другите земји опфатени со извештајот, преставници од Директоратот за проширување на Европската унија.