Земјоделците кои ја складираат и веднаш не ја продаваат пченицата и јачменот од годинешниот род, можат да поднесуваат барања за субвенции. Висината на поддршката изнесува 100 проценти од трошоците за чување на реколтата, а последниот рок за доставување на документите завршува на 15-ти декември…

Субвенцијата за складирање може да ги користат евидентираните земјоделски стопанства со пријавени површини со пченица и со јачмен кои ја имаат дадено кај регистриран сопственик на силоси од 15 јуни до 1 септември 2023 година.

Периодот на чување на овие житни култури треба да биде од најмалку два до најмногу девет месеци.

Како прифатливи количества се оставени максимум 5.000 тони по земјоделско стопанство, одделно за пченицата и за јачменот, за принос најмногу до 5 тони по хектар од пријавената површина. Висината на поддршката изнесува 100 проценти од трошоците за чување, со цена на услугата до најмногу 120 денари по тон за еден месец.

Средствата се исплаќаат на сметка на сопственикот на силосите во име и за сметка на земјоделецот.

Газдата на објектот треба на крајот на тековниот месец до платежната агенција да доставува писмени податоци за земјоделското стопанство, состојба на залихите за секој корисник одделно и цената на услугата.

Земјоделците, сите потребни обрасци кој треба да ги пополнат и достават, можат да ги земат од веб-страницата на Агенцијата.

Рокот за поднесување на барањата за субвенции завршува на 15-ти декември.