Охриѓанката Маја Јанеска, која веќе полни 22 години води свој успешен бизнис на Африканскиот континент, одржа мотивациски говор пред студентите на АУЕ-ФОН.

Јанеска, заедно со бизнис претставници од Јужноафриканската Република, престојува неколку дена во нашата земја, нејзината татковина, со цел воспоставување дипломатска, образовна и економска соработка меѓу Република Македонија и африканските земји. При посетата на АУЕ-ФОН, таа пред студентите на Економскиот факултет одржа интересно и многу мотивирачко предавање од областа на претприемништвото, споделувајќи ги своите лични искуства со младите за тоа како да се успее во животот и да се постигнат своите цели.

На 19 години ја напуштила Македонија и прво се преселила во Танзанија, каде се вработила во хотел. За полесно да се прилагоди и да успее на африканско тло, за само 3 месеци го научила јазикот свахили, еден од 14-те официјални јазици во Африка. Јанеска денес течно зборува 7 јазици. Недолго откако пристигнала, таа започнала бизнис во текстилната индустрија, а подоцна и во уметничкиот бизнис и стајлинг, каде што го отворила своето прво училиште за „make up“ како прво и единствено училиште од ваков вид во земјата. Освен познати личности од Африка, таа соработува и со светски познати ѕвезди, како Кајли Џенер и Ким Кардашијан.

Подоцна таа продолжува да снима кратки едукативни видеа и го следи развојот на технологиите и социјалните мрежи, преку нејзините профили на Инстаграм и Фејсбук и посебно нејзиниот канал на YouTube каде привлекува повеќе од 1,2 милиони следбеници и ја добива првата награда „Сребрено копче“ за 100.000 следбеници, а подоцна и „Златно копче“ за 1 милион следбеници. Во истиот период одржува работилници за шминкање каде што предава на преку 300 студенти. Ова е препознаено од Академијата за шминка во Њујорк – како една од најелитните академии во оваа област каде што била поканета да предава.

Подоцна отвора своја линија за шминка и соработува со палета на светскиот бренд Анастасија Беверли Хилс, која беше распродадена низ целиот свет за само 2 месеци.

Денес, Маја е успешна Македонка која живее во Јужноафриканската Република, каде што се занимава со претприемништво и работи со сопствена компанија за бизнис и развој на руда, нафта, гас, лотарија, пакување тутун и трговија со други стоки.

– Можете да имате добри и лоши моменти во животот, но Вие сте тие кои можете и треба да правите промени. Едно е желбата, друго е самодовербата. Верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете, им порача Јанеска на студентите од Факултетот за економски науки на АУЕ-ФОН.