Полупразен Охрид. Ваква е сликата од најголемиот туристички центар во државата на само неколку часа до дочекот на Новата Година. Иако се чувствува поголема раздвиженост од вообичаената, сепак она што камерата на Алсат го забележа беше полупразна чаршија, ресторани и кафетерии во кои без проблем може да се седне. Бродовите кои организираa крстарења низ езерото, сега се закотвени на градското пристаниште. Хотелите или се затворени или имаат само по некоја поединечна резервација. Најбројни се домашните гости кои имаат викенд станови или куќи во градот и околината.

„Нормален ден. Многу да се чувствува нешто, не се чувствува. А и со самата ситуација и со околностите. Сите знаат дека се ќе се затвори навечер“, вели еден гостин од Битола.

„Имам семејна куќа во Охрид. Си имаме со мажот и сопствен стан. Дојдовме да се тргнеме од маглата од Скопје, малку на чисто езеро. Три четири дена, а можеби и пет остануваме, зависи од работата“, вели туристка од Скопје.

Имаше и по некој странец, кои Новата Година сепак ќе ја дочекаат во Охрид.

„Во Охрид имам стан и ќе ја дочекаме Новата Година во Охрид. Охрид е многу убав град. Од Албанија сме, од Поградец. Остануваме во Охрид два или три дена“, вели туристка од Поградец.

„Од Украина сме. Дојдовме во Охрид за Нова Година и Божиќ. Прекрасен град е. И ќе останеме недела и повеќе, бидејќи во Украина е ладно и има снег. Не се плашиме од корона вирусот. Носиме маска и нема проблем“, рече еден турист од Украина.

Угостителите не го паметат ваков Охрид за празниците, кога по традиција најбројни беа гостите од балканските држави.

„Имам ноќен клуб. Долги години значеше бренд за Охрид. Пет по ред го закупуваа Црногорци само за нивни гости со забрана за луѓе од страна. Оваа година изгледа како на залезот на сонцето. Нема никој, не може да се спомене за профит. Една минимална егзистенција пред тотален колапс“, вели Илија Џепароски-угостител.

Од полицијата велат дека ќе преземат интензивни контроли и целосно спроведување на безбедносните мерки за време на новогодишната ноќ со цел зачувување на јавниот ред и мир, спречување на имотните деликти и зголемена сообраќајна безбедност. Сепак на целата ситуација позитивен шмек и дадоа нуркачите од Охрид, кои облечени како дедо мразовци по 18 – ти пат по ред први ја честитаа Новата година од под вода во Охридското Езеро од три различни локации, кај Заливот на коските, Трпејца и Свети Наум.