Нелојалната конкуренција предизвикува хиперпродукција на туристички водичи во Охрид, додека во некои поголеми туристички градови немаат воопшто.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка во туризмот Љупчо Јаневки смета дека е неприфатливо град како Дојран да нема туристички водич.

– Ќе се потрудиме повеќе да ги инволвираме младите луѓе до 29 години да размислуваат за туризмот, активните форми на туристичката понуда и да размислуваат што повеќе да основаат свои компании, но и да отпочнат бизниси токму во оваа сфера, вели Јаневски.

Љупчо Јузмески, пак професионален туристички водич од Охрид, забележува дека секој во слободно време може да биде лиценциран водич, што доведува до хиперпродукција во професијата.

– Доктори, пожарникари, полицајци, таксисти…, секој во слободно време е водич, а ние неможеме во слободно време да сме доктори, професори, пожарникари…. Тука е проблемот во нелојалната конкуренција. И пензионерите за да излезат на терен денеска симнуваат поефтино, тие се осигурани со една пензија месечно, нас ни го земаат лебот. Имаме хиперпродукција на туристички водичи, нагласува Јузмески.

Според него, туристички водич е комплексна работа, не си само професор што ќе излезе и ќе им раскаже на туристите, туку треба да направи шоу да го исполни нивното време.

– Да се биде добар туристички водич е комплексна работа. Новите генерации на туристички водичи послабо ги анимираат гостите, баш таа интеракција со групата ја немаат. Ретки се тие постарите што укажуваме на некои грешки за да бидат подобри понатака, истакува Јузмески.

Тој најави дека наскоро во Туристичкиот центар, кој се наоѓа во близина на Охридското пристаниште ќе им се овозможи на новите водичи да одат со постарите кога ќе имаат групи, да ги внесат во работата, но и да им дадат можност да излезат пред групата да се опуштат.