Изземањето на охридскиот регион од новиот Закон за легализација е погубно за граѓаните реагираат од невладината „Охрид СОС“ во пресрет на утрешното разледување на предлог законот во Собранието.

Според активистите, доколку Министерство за транспорт и врски предложи носење на законот по итна постапка во Собранието, со тоа ќе го прекрши членот 170 од Деловникот, имајќи ја предвид комплексноста на законот и последиците кои би можеле да произлезат од неговото спроведување.

„Ако овој закон нема да важи за охридскиот регион, тогаш кој закон ќе важи? Како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во охридскиот регион од 1 јануари 2019 имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31 декември 2018? Охридскиот УНЕСКО регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО регионот без да настане хаос поради грешки и/или манипулации?“ – прашуваат од „Охрид СОС“.

За првпат сличен став како и екологистите има и охридскиот градоначалник кој во повеќе наврати напомена дека уште на седницата на ЗЕЛС го искажал ставот дека е против измените во новиот Закон и дека ако се изгласа изземање на регионот тоа ќе создаде уште поголем револт кај граѓаните.

Но ставот на Министерството за транспорт и врски е поинаков. Министерот Сугарески неколкупати досега потенцираше дека го поддржува предлог-законот за изземање на регионот оти по сите критики на УНЕСКО вели не смее да се дозволи во понатамошниот период да се случуваат такви работи ставајќи акцент дека во Охрид и Струга ќе се работи според препораките на УНЕСКО и Законот за управување со светското културно наследство.

Според најавите во новиот закон ќе бидат опфатени објектите кои бесправно биле изградени до 1 октомври 2019 и ќе важат истите услови како и досега. Но легализацијата нема да биде 1 евро за квадрат, туку покрај 100-те проценти ќе се наплатуваат и дополнителни 50 отсто казна за незаконско градење.