Охридска банка АД Скопје за периодот од 1.1 до 31.12.2017 г. оствари добивка пред оданочување од 388 милиони денари. Споредено со остварениот резултат за истиот период минатата година е за 20,5 % понизок, а во однос на планираниот понизок за 29 % поради значајното влијание на порастот на исправката на вредност на финансиските средства.

Нето-приходите од камати на крајот од 2017 година изнесуваат 1.182,3 милиони денари и во однос на  претходната година е зголемен за 27,2 милиони денари, или за 2,4 % и се во согласност со планираното.

Каматните приходи се пониски од минатата година поради значително намалување на каматната стапка кај кредитите на правни лица и цикличниот карактер во движењето на овие пласмани, која во дел беше компензирана со зголемен обем, додека кај пласманите во хартии од вредност имаме значително намалување на каматната стапка поради што е намален и обемот. Приходите од камати од пласмани на кредити во население и покрај влијанието на пониска просечна каматна стапка,  бележат континуиран и стабилен раст благодарение на стабилниот раст и зголемено ниво на овие пласмани.

Каматните трошоци забележуваат намалување за 12,6 % како резултат на прилагодување на каматните стапки на депозитите на клиентите согласно условите на пазарот, како и оптимизирање во делот на резидуални краткорочни обврски со расположивите ликвидни средства.

Нето-приходот од провизии и надоместоци, во износ од 280,7 милиони денари, е зголемен за 10,5  милиони денари, или за 3,9 %, во однос на минатата година со реализација на планот од 91,3 %. Приходите од провизии и надоместоци бележат посилен раст од 24,5 милиони денари и се поврзани со растот на комерцијалните активности на банката, додека зголемувањето на трошоците за провизии и надоместоци е за 14,0 милиони денари на кое поголемо влијание имаа активностите поврзани со картичното работење.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 125,5 милиони денари и се зголемени за 12,4 милиони денари или 11 % во споредба со истиот период од минатата година, со реализација над планот за соодветниот период од 14 %.

Другите приходи изнесуваат 65,2 милиони денари, во кои е вклучена реализираната капитална добивка од продажба на недвижност во Охрид, како и остварени приходи по основ продажба на побарувања.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето основа на крајот од 2017 година изнесува 490 милиони денари и е повисока споредено со истиот период минатата година поради повисоката исправка кај два поголеми клиенти кои во 2017 се соочија со тешкотиите во исполнувањето на обврските и беа превземени активности за наплата на побарувањата.

Вкупните оперативните трошоци во периодот јануари ‒ декември изнесуваат 775,7 милиони денари, се во линија со планираното, и споредено со претходната година, бележат зголемување од 48,7 милиони денари, или 6,7 % во услови на зголемен обем на активности и вкупно работење на Банката. Повисоки оперативни трошоци се забележани кај трошоците за вработени, амортизација, трошоци поврзани со картичното работење, телекомуникациски услуги и технологија, трошоци за кирии, и се поврзани со соодветниот зголемен обем на активности додека намалување има кај трошоците за маркетинг и комуникации, трошоците за осигурување на имот и вработени и намалување на премијата за осигурување на депозити поврзано со намалувањето на годишната стапка на премијата на осигурување во Ноември 2017.

Целосниот финансиски извештај можете да го погледнете тука.