Олимписките игри како врв на спортските натпреварувања се атрактивна можност за промоција на многу компании и меѓународни корпорации, заради фактот што тие таргетираат глобална публика низ целиот свет. Меѓутоа договорите за спонзорство на Олимписките игри се многу скапи. Некои компании во минатото објавија исплати кои достигнуваат вредност од над 200 милиони за период од 4 годишно спонзорство. Згора на се постојат и многу ограничувања во однос на условите на рекламирање кои им се дозволени во периодот на времетраење на Олимпијадата.

Во 2016 после игрите во Рио, AT&T, Citi и Hilton ги прекинаа договорите за спонзорство со Олимпискиот комитет, додека на почетокот на 2017 истото го направија и Budweiser и TD Ameritrade. Исто така и мултинационалниот ланец за брза храна McDonald’s, трајно го раскина својот договор со Олимпискиот комитет во Јуни оваа година, иако тој требаше да трае се до 2020г.

Според Мајкл Пејн, поранешен директор на секторот за маркетинг при Олимпискиот Комитет, глобалните договори се обично стабилни и долгорочни и нема место за паника. Тој наброја многу интернационални компании кои се пример за долгорочна соработка како на пример Coca-Cola, Panasonic, Samsung. Според него Интернационалнито Олимписки Комитет има тековни договори чија важност се протега се до 2032 година.