ОН ја намалија прогнозата за глобален раст на БДП на 2,5 отсто оваа година, наспроти јануарската проценка од 2,7 отсто.
Обединетите нации издадоа сериозно предупредување — светската економија се соочува со една од најслабите години по финансиската криза од 2008 година, а главниот виновник е тековниот воен конфликт во Западна Азија.
Според извештајот „Светска економска состојба и перспективи за средината на 2026 година”, ОН ја намалија прогнозата за глобален раст на БДП на 2,5 отсто оваа година, наспроти јануарската проценка од 2,7 отсто. Во понеповолно сценарио, растот би можел да падне дури на 2,1 отсто. Паралелно, глобалната инфлација се очекува да се искачи на 3,9 отсто — зголемување од 0,8 процентни поени во однос на претходните предвидувања.
Директниот повод е блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран, по воздушните напади на САД и Израел. Преку овој клучен морски премин поминуваат нафта, природен гас, ѓубрива и други суровини, а неговото затворање ги удри цените на енергијата и трошоците за транспорт ширум светот.
Најголемиот удар го чувствуваат земјите во развој — кај нив инфлацијата се очекува да скокне од 4,2 на 5,2 отсто, бидејќи повисоките трошоци за енергија и увезена стока директно го намалуваат реалниот доход на граѓаните. Регионот на Западна Азија е во најтешка положба — растот таму ќе падне од 3,6 на само 1,4 отсто.
Иако американската економија останува релативно стабилна со раст од 2 отсто, Европа е рангирана меѓу најзасегнатите. Поради силната зависност од увезена енергија, растот на ЕУ се очекува да забави на 1,1 отсто, а британската економија би можела да заврши годината со само 0,7 отсто раст. Кина е заштитена со диверзифицирани енергетски извори и државна поддршка па одбројува раст од 4,6 отсто, додека Индија останува меѓу најбрзо растечките економии со 6,4 отсто.
„Не сме блиску до рецесија”, изјави Шантану Мукерџи, директор за економска анализа во ОН, но додаде дека животот би можел да стане значително потежок за милијарди луѓе.